
Новата сликовница од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов „Девојче и мече“ наскоро ќе биде објавена во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации.“
Книгата, наменета за најмладите читатели, ќе биде претставена на првото издание на фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“, што ќе се одржи на 13 и 14 април во Музејот на современа уметност во Скопје.

„Девојче и мече“ е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето. Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваа многу нови работи. Открија дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваа на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаа во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ правеа заедно, додека еден ден…
„Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши сам да си ја оствари, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.
















