„Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов на Фестивал на сликовници во Пожега

Илустрираната книга „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов беше претставена на Фестивалот на детски сликовници „Чигра“, што од трети до петти октомври се одржа во Пожега, Србија. Сликовницата е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина“.
„Чигра“ е млад фестивал, што пред три години го иницирала Даниела Скоковиќ од Народната библиотека во Пожега, со цел да го афирмира читањето книги меѓу децат
– „Sвезденото дете“ тргна по својот пат по издавањето во април годинава, па книгата некако успеала да стигне до организаторите на фестивалот „Чигра“ во Пожега. Тие ме контактираа со желба да учествувам на нивниот фестивал. Со задоволство ја прифатив поканата. „Чигра“ е млад, но сериозен и одлично организиран фестивал, правен со многу ентузијазам и љубов. Фокусиран е на сликовници што имаат современ пристап и посебна уметничка вредност. Ретко се случува на такви големи настани, со многу луѓе, да се соберат толку многу карактери со толку слични сензибилитети. Претпоставувам дека заедничко за сите кои бевме таму и тоа инстантно поврзување што ни се случи е искрената љубов и посветеност кон книгите за деца и воопшто, магичниот свет на литературата за деца – вели Костуранов.

Ване Костуранов со писателката за деца Јасминка Петровиќ (средина) и сопругата Мери Костуранова

Гости на ова издание, покрај македонскиот сликар Ване Костуранов, беа и илустраторите Квинт Бухолц од Германија и Дражен Јерабек од Хрватска, како и претставници од сличните хрватски фестивали: „Овца во кутија“ – Пазин и „Чувари на приказните“ – Осиек. На настанот учествуваа и неколку српски автори, меѓу кои и познатата Јасминка Петровиќ (чиишто книги „Сакам дома“ и „За мачките, за нотите и за бубачките“ се преведени на македонски јазик).
– Ми беше чест да бидам гостин заедно со реномираните илустратори Квинт Бухолц од Германија и Дражен Јерабек од Хрватска, со кои имавме и заедничка изложба. Особено се радувам што имавме можност да споделиме лични и професионални искуства, што можевме да се најдеме во предизвиците и убавините што ги има во нашата работа. Таквите пријателства се најголемиот подарок од тие средби. Учествував и на една многу важна дебата, на која беа поканети издавачи од Србија и од регионот, писатели за деца, илустратори, уметници, библиотекари, педагози, воспитувачи… Сите се согласивме дека имаме уште многу работа што треба да ја завршиме за да се приклучиме на светските текови во однос на детските сликовници и дека секој момент посветен работејќи на тоа е вреден, бидејќи така се создаваат деца кои читаат, кои ги сакаат книгите и кои растат во еден визуелно убав и различен свет – додава Костуранов.
На програмата на фестивалот беа изложби, предавања, работилници, а се додели и наградата „Добра сликовница“ за најдоброто издание, што ќе биде промовирано на претстојниот Меѓународен саем на книгата во Белград.

Костуранов (втор лево) со илустраторите Квинт Бухолц и Дражен Јерабек, и со организаторката на фестивалот Даниела Скоковиќ

Иако Пожега е мало место, се покажало како идеално за промоција на литературата за деца.
– Пожега е мало место, со околу 15.000 жители, но мене ме фасцинира тоа што детскиот оддел на нивната библиотека беше постојано полн со деца кои доаѓаа да читаат, да позајмуваат книги, да волонтираат на фестивалот. Фасцинантно беше и тоа што креативните работилници во состав на фестивалот беа преполни со деца и ги збогатуваа со најубава и најчиста енергија – раскажува тој.

Приказната во „Ѕвездено дете“ се раскажува околу Ѕвездан – дете кое живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие… што понатаму ќе го доведе до нешто сосема, сосема неочекувано… „Ѕвездено дете“ е нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта.
Книгата беше промовирана во април оваа година во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, а беше преставена и во рамките на 30. издание на Саемот на книгата во Скопје. Сликовницата ја доби наградата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за најдобро ликовно-графички уредено издание на годинашниот Саем на книгата.


Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.