Денеска со почеток од 18 часот, во рамки на летниот саем на книгата во трговскиот центар „Сити Мол“, издавачката куќа Арс Ламина организира дружење и читање на македонски волшебни приказни од едицијата „Бајки од Македонија“ со актерката Сања Арсовска од Драмски театар Скопје, позната и како Лина од 5+ бенд.
Едицијата „Бајки од Македонија“ е составена од четири македонски волшебни приказни, кои претставуваат дел од нашата усна традиција. Овие приказни, собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски, сега се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата на возраст од 4-7 години.
Илустрациите за „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“ ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Едицијата „Бајки од Македонија“ е последниот проект на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, а е реализиран во партнерство со Арс Ламина. Изборот на бајките беше направен со стручна помош од професор д-р Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, а бајките ги адаптираше Билјана Црвенковска.
Летниот саем на книгата во „Сити Мол“, во организација на Македонската асоцијација на издавачите, се одржува од 15 до 21 јуни на приземјето во трговскиот центар. Арс Ламина, преку своите импринти Арс Либрис, Либи и Литература.мк, на саемот ќе понуди многу атрактивни наслови (бестселери, ѕвезди на светската книжевност, детска литература итн.), попуст до 70% на изданијата, подароци, изненадувања за убаво и исполнето лето и богата програма.
Покрај промоцијата на „Бајките од Македонија“, на штандот на Арс Ламина ќе се случуваат и детски креативни работилници и фотографирање со Пчеличката Маја (сабота и недела од 11 до 13 часот), како и други изненадувања.















