Моја библиотека: Жарко Димитриоски
Која книга во одреден период од животот влијаела на твоите ставови и начин на размислување, односно ти направила „пресврт“ во животот?
„Како ја изгубив невиноста“ од Ричард Бренсон. Книгата е автобиографија, зборува за првите триесетина години од животот на Бренсон и градењето на брендот „Вирџин“. Просто, да не ти се верува како еден човек може да сонува толку далеку, а богами и да стигне да си ги оствари истите соништа. Пресвртот со оваа книга веројатно ми беше тоа што многу похрабро влегов во бизнис и маркетинг водите и се охрабрив да сонувам и јас. Без разлика дали си мал или голем претприемач, навистина ќе уживаш во она што Бренсон има да го каже. Толку многу ми се има допаднато книгата што ја имам и подарено на неколку драги бизнис-соработници.
Лик од книга кој ти бил кошмар?
Хммм… Не ми текнува на некој… Многу ми се допаѓаше „Мачка и глушец“ од Џејмс Патерсон, знам дека одамна ја прочитав и баш онака ми се допадна, ептен. Книга за детективот Алекс Крос со кого Патерсон има и други книги и господин Смит, кој е сериски убиец.
Има ли книга што си ја препрочитал повеќе од трипати, која и зошто?
„Confessions of an advertising man“ од Дејвид Огилви. Сум препрочитал повеќе книги на истата тема, ама не знам, оваа некако е наједноставно напишана, најјасна, најпрецизна во објаснување на секојдневните ден-за-ден обврски, пречки, предизвици со кои се соочува човек што води маркетинг-агенција, улога што на мое големо задоволство стигнав да ја имам и јас. Иако е напишана во шеесеттите години од минатиот век, неверојатно е колку е современа, се разбира ако го тргнеш недостигот на технологија настрана. Ако те интересира методологијата на адвертајзингот, креирањето на дневните распореди, водењето состаноци и слично, чичко Огилви ќе ти објасни многу работи…
Дали паметиш некоја илустрација на книга и која? Што ти оставило впечаток?
„Enter Night“, биографија на „Металика“. Не знам, некако многу се израдував кога ја видов качена на полица и едвај чекав да почнам да ја читам. Цела црна корица само со сиви букви „Enter Night“, веројатно од радост сум ја запаметил толку многу.
Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ докрај?
Обожавам биографии и „занатски“ книги, од некоја област како пишување и градење сценарија, маркетинг, ТВ-продукција и сл. Искрено, не ни паметам кога последен пат сум прочитал некој роман, сигурно има две години. Последна книга што ја „претрчав“ во еден здив е „Netflixed“, книга за историјата на „Нетфликс“, а иако ги имам прочитано од поодамна, морам да ги споменам „My remarkable journey“ од Лери Кинг и „American on Purpose“ од Крег Фергусон. Врвни книги!
Кој наслов од „Арс Либрис“ го сакаш во твојата библиотека?
„Тајните на иновациите“ на Стив Џобс.















