Александар Русјаков – добитник на наградата „Антево перо“ за 2023 година

Писателот Александар Русјаков е добитник на наградата за најдобра необјавена поетска книга „Антево перо“ за 2023 година, за неговата стихозбирка „50 испеани приказни“. За победникот одлучи жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски. Во образложението на комисијата се вели:

„Поетската збирка „50 испеани приказни“ на мултиталентираниот Александар Русјаков нуди една малку поинаква поетика што нѐ пречекува уште на самиот почеток кога ја восприемаме преку формата. Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста. Тие кадри ја менуваат техниката наизменично и прикажаното преминува во анимиран филм во црно-бела техника каде секој кадар е нацртан рачно и во секоја линија се гледа пораката што поетот сака да ни ја пренесе. Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика. Интертекстуалноста е суптилно нагласена преку експресионистичките постапки на Кафка, но и апсурдноста на Ками, суровоста на Буковски и брилијантната реалистичност на Достоевски. Ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија. И оксиморонот и парадоксот му овозможуваат на поетот директен и недвосмислен начин на соопштување на својата, на личната преспектива на времето, просторот и луѓето во тој простор и време со што се осмислува и оправдува неговото постоење во центарот на сето тоа. Со оваа поезија, Русјаков соопштува универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски во кои секоја песна се раѓа и вечно живее.“

Наградата „Антево перо“ подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори.

На конкурсот за наградата пристигнале 73 стихозбирки, со најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор, покрај стихозбирката на Русјаков  влегле и „Монолог на пирејот“ од Љубинка Донева, „Болопадание“ – Милена Сиљаноска,  „Сновиденија“ – Кирил Ангелов, „Координати на болката“ – Александра Спасеска и  „А што да речам“ од Томе Липовски.

Во согласност со пропозициите на манифестацијата, комисијата додели и две награди „Антев златник“ на: Милена Сиљаноска за стихозбирката „Болопадание“ и Александра Спасеска за стихозбирката „Координати на болката“. Наградата „Антев часовник“, пак, ѝ припадна на стихозбирката „Ноќен суфлер“ на поетесата Светла Јакшиќ.

Александар Русјаков е еден од најистакнатите современи македонски писатели. За романот „Хотел меѓу две војни“ (издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“) го доби „Рациновото признание“, како и наградата за најдобар необјавен роман –  „Пегаз“ за 2021 година. Покрај овој наслов, во издание на „Арс Ламина“ се уште две книги на Русјаков: „Курвински хроники“ и „Албино трип“.

Книгите од Русјаков се достапни во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.