„Зелениот дворец“ од Сибо: Книжевен времеплов на Скопје

Архитектурата, населбите, модата, фотографиите, историјата, приказните и значајните скопјани, се само дел од темите што ќе бидат опфатени на разговорот за Скопје, инспириран од книгата „Зелениот дворец“ од Сибо. Средбата ќе се одржи на 26 јули (среда), во 20 часот, во паркот на МКЦ, во рамките на настанот „МКЦ за Скопје“.

Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје се трите временски точки што ја сочинуваат основната наративна нишка на овој книжевен времеплов.

Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Ламина“, е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за 2022 година.  Иако инспирација за приказната е една од највпечатливите градби во Скопје, зелената куќа-дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа мистерии и легенди,  сепак, ова е роман за Скопје.

– Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сѐ што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјаните, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќева палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов ниту за нечиј живот. Но, приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак е блиску до нас. Ова е роман за Скопје и за неговите животи, за физичката формула за љубовта – вели авторот Сибо.

Книгата тргнува од познатата, речиси архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти.

* Скопје, 1922 година. Мистериозна жена пристигнува на состанок за планирање на изградбата на Ристиќевата палата.

* Скопје, 25 јули 1963 година. Една жена решава да спие облечена во чизми. Не знае зошто.

* Скопје, 2011 година. Еден маж на игралиште ја гледа сопствената мајка, шестгодишна. А сè почнува од зелената куќа во Црниче.

Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“, онлајн преку http://www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во МКЦ.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.