„На врв на јазикoт“ од Катица Ќулавкова во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“

Стихозбирката „На врв на јазикот“ од академик Катица Ќулавкова влезе во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Книгата е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Согласно Правилникот за наградата „Браќа Миладиновци“, членовите на жири-комисијата работеа во две фази: поединечна и заедничка. Во поединечната фаза, секој член на жирито работеше самостојно, без да ги знае преостанатите членови и изготви негов личен потесен избор од пет книги што ги рангираше од прво до петто место. Oткако индивидуалните избори на секој член од жири-комисијата беа доставени до дирекцијата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, беше свикан заеднички состанок на кој членовите на комисијата почнуваат со заедничка работа утврдуваат заеднички избор од пет книги според бројот на гласови што одделните книги ги добиле при поединечните избори на жирито и според гласањето на мнозинството на комисијата. Врз основа на индивидуалните избори, беше направен заеднички избор од пет наслови.

Покрај „На врв на јазикот“ од Ќулавкова, во потесниот избор влегоа „Дни, години“ од Димитар Башевски („Слово“), „Две мориња“ од Јосип Коцев („Антолог“), „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска („Макавеј“) и „Филмски песни“ на Дејан Трајковски („Бата прес милениум“).

Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик, што ја доделува НУМ „Струшки вечери на поезијата“ ќе биде прогласен на 28.07.2023 г. (петок) на прес-конференција со почеток во 10 часот во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. На прес-конференцијата ќе присуствуваат членовите на жири-комисијата, а ќе бидат поканети и авторите од потесниот избор.

На Конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“, кој беше распишан од 31 мај до 25 јуни, пристигнаа вкупно 35 наслови.

„На врв на јазикот“ беше промовирана на почетокот на јуни 2023 година, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Книгата содржи 40 песни, поделени во седум целини: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба.

Катица Ќулавкова (Велес, 21.12.1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (Катедрата за општа и компаративна книжевност). Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици (албански, англиски, бугарски, италијански, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црногорски, шпански). Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Раководела со повеќе републички и меѓународни истражувачки проекти. Основач е на е-списанието за компаратистика „Мираж“ и на мултијазичната колекција „Разноликост“ на Меѓународниот ПЕН, а претседавала шест години и со неговиот Комитет за превод и јазични права. Добитник е на највисоката државна награда за животно дело на Македонија „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство. Живее во Скопје.

Книгата „На врв на јазикот“ е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.