
Приказните од сликовниците од едицијата „Нови бајки од Македонија“ беа инспирација за работилницата за деца, што денеска, 1 јуни, се одржа во Канцеларијата на претседателот на Р. С. Македонија, „Млади хаб“ во Скопје. На настанот, кој беше реализиран во чест на Меѓународниот ден на децата, учествуваа учениците од 3-1 одд. при ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје со својата наставничка. На настанот присуствуваа првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, претставници од издавачката куќа „Арс Ламина“ и илустраторите Емилија Мишева (Ем Елефантски) и Орце Нинески. Тие на младите читатели им ги претставија сликовниците „Океанија“ (од авторот Мартин Миљев, со илустрации на Нинески) и „Луѓето и змејовите“ (од писателот Владо Јаневски, илустрирано од Емилија Мишева), кои се во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и „Арс Ламина“. Децата дознаа како се создаваат сликовниците, како се одвива работата на илустраторите, како двајцата илустратори почнале да цртаат книги за деца… Во вториот дел од настанот децата направија свои сликовници, според приказните во овие две книги, но со свое видување на главните моменти.

Инаку, книгата „Океанија“ е со текст од авторот Мартин Миљев и илустрации на Орце Нинески. Океанија е храбро девојче од непознат остров среде океанот на коешто му е забрането да плива, да нурка и да се натпреварува со своите врсници (момчиња), само затоа што е девојче. Не помирувајќи се со оваа неправда, Океанија во редица секојдневни „престапи“ плива кон својата иднина – таква каква што заслужува, еднакво можна како за момчињата, така и за девојчињата. Еднаквоста на светот е еднаквост и на можностите за сите учесници во него. Спасувајќи една огромна, стара риба на зафрлен остров среде океанот, Океанија – „ќерка на убавиот син океан“ станува вистинска хероина, првин за подводниот свет, а потоа и за својот татко и за сите други. Станува принцеза според чиешто име се нарекува и цел еден огромен простор. Со елементи на легенда, оваа современа бајка истовремено е приказна за еднаквоста, за добрината и за настанувањето на светот.

„Луѓето и змејовите“ е со текст од писателот Владо Јаневски (кој живее во Австралија) и младата, но веќе докажана илустраторка Ем Елефантски.
Оваа куса, современа бајка има широк раскажувачки замав за односот помеѓу змејовите и луѓето, помеѓу приказните и секојдневниот живот. Навраќајќи се одделно на двата света, светот на змејовите и светот на луѓето, авторот суптилно ги приближува и преку личниот однос помеѓу синчето змејче и девојчето, праќа топла порака за вечен мир и разбирање помеѓу нив, зашто добрината е најголемата обединувачка сила на сите спротивставености. Таткото змеј му го раскажува минатото на синчето змејче, а тоа, пак, со својата искреност отвора една поинаква иднина за нив, за змејовите, но и за луѓето. Сето тоа, на крајот, е натопено со сон, како што се случува во добрите, класични приказни за децата.












































