
Со свеченост во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ), вчеравечер, на академик Влада Урошевиќ му беше врачена наградата „Роман на годината за 2022 година“, која по 24 пат ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Писателот го доби престижното признание за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
При примањето на наградата, Урошевиќ изрази благодарност за честа и му оддаде почит на Славко Јаневски, од кој, како што рече, отсекогаш пронаоѓал голема инспирација и дека на него гледал со воодушевеност. Изрази задоволство што за наградата се пријавиле голем број романи (вкупно 35). Нешто што не можеле ни да го замислат во времето кога бил објавен првиот роман на македонски јазик, „Село зад седумте јасени“ (1952), чиј автор е токму Јаневски. Во тој период, Урошевиќ сѐ уште бил гимназијалец.
– Можеме да констатираме дека имаме една литература во која објавувањето на нов роман станува секојдневна нормална појава и годинава за оваа награда се пријавија голем број романи. Такво нешто никој од нас во тоа време не можеше да си го претпостави, но тоа што никој не можеше да го замисли се оствари, мене ми е мило што бев сведок на ова добро патување. Изминавме долг пат и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме понатаму и дека македонскиот јазик е јазик што може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му покажеме на светот – истакна Урошевиќ во својот инспиративен говор.

Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски, изрази надеж дека во иднина преку ваквите настани македонскиот роман ќе биде доближен не само до македонските читатели туку и пошироко.
– Следната година ќе славиме четвртина век од доделување на наградата „Роман на годината“, се надевам дека ќе биде поамбициозно и попомпезно. Поамбициозно во смисла да го доближиме романот не само на македонските читатели туку и малку повисоко во светски рамки – рече тој.
За победникот одлучи жири-комисијата во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата). На свечениот настан во Музејот на современата уметност Јовановска го прочита образложението на жирито за годинашниот избор.
– За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов навистина мора да е врвно напишан овој наслов што само го најавува патешествието на семејството Пустополски и претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ, оживувајќи го македонски јазик, во романот ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, така што вешто нѐ вовлекува во приказната, на толку ненаметлив начин оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, нестандарден во секоја смисла романот ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот на некое друго сега веќе далечно време што преминувало пред лицето на Вардар, каков што не го знаеме – истакна таа.

Во најтесниот избор, покрај романот на Урошевиќ, влегоа и „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или-или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“). Првично, за наградата конкурираа 35 романи (од кои седум беа од „Арс Ламина“), во првата селекција влегоа 19 наслови, по што изборот се сведе на шест наслови.
Урошевиќ доби плакета и уникатна статуетка изработена од скулпторот Сашо Саздовски, како и паричен износ од 150.000 денари.
Настанот беше збогатен со коктел и музички настап на џез-составот „Гоце Стевковски Септет“.
























