Збирката хаику-поезија „Реми“ – дел од Фестивалот на јапонска култура „Нихон-Џи 2.0“

Во рамките на Фестивалот на јапонска култура „Нихон-Џи 2.0“, што се одржа на 27 мај 2023 година, во Мултимедијалниот центар Мала станица во Скопје, имаше хаику-читање, на кое учествуваа петмина истакнати македонски хаику-мајстори: Владимир Мартиновски, Александар Маџаровски – Читачот, Николина Андова-Шопова, Искра Донева и Дејан Василевски – Гето Руди. Секој прочита по 10 песни, во два круга. Публиката уживаше во минијатурите на учесниците и со голем аплауз го испрати секој од нив.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ на сите посетители на настанот им обезбеди примерок од книгата со хаику-поезија „Реми“ од авторите Гето Руди и Теа К.

„Реми“ содржи 77 хаику-песни, кои преставуваат умствено-креативен поетски „двобој“ меѓу двајцата автори. Иако станува збор за ист вид поезија, авторите се сосем различни во поглед на своето хаику-творештво и на различен и посебен начин „заробуваат“ мигови или цела вечност во кратката, а моќна форма „пет-седум-пет“ на хаику-поезијата. Специфично е што самата хаику-поезија дава одредени рамки со формата „пет-седум-пет“, а истовремено нуди и слобода на креативност за да се преточи мислата токму во тие рамки, едноставно авторот си игра со својата почетна инспирација, идеја, со себеси, со песната, умствено креира, реди и прередува, а тоа на крајот се пренесува многу помоќно, затоа што е кратка форма во којашто треба да се каже сè. Тоа што „Реми“ е сочинета од двајца автори само ја надополнува таа специфичност, зашто се работи за два начина на изразување преку оваа кратка и строга, а многу креативна и слободна поетска форма.

Авторите Гето Руди и Теа К. пишуваат хаику-поезија 15-тина години и имаат учествувано на разни хаику-читања. Исто така, имаат објавувано и своја хаику-поезија во хаику-списанието „Мравка“, нивни хаику-песни се дел и од антологијата „Нов македонски хаику-бран“ (2011), а присутни се и на хаику.мк. Со своја хаику-поезија имаат земено учество и на 47. и 49. Струшки вечери на поезијата („Ноќи без интерпункција“).

Освен заедничките две книги со хаику-поезија, заедничко на двајцата автори им е и тоа што објавуваат под псевдоним, зашто сметаат дека „книгите се важни заради книгите“, имињата на авторите се во втор план, како и тоа дека и двајцата се магистри по комуникации. Едниот од авторите е дипломиран професор по македонски јазик и литература и лектор, а другиот дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.