
Издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше 50 книги во библиотеката на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Во донацијата се вклучени изданијата од едицијата „Македонски книжевни класици“ во рамките на која „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, реобјави дел од творештвото на нашите книжевни великани. Со оваа донација, библиотеката при лекторатот се збогати со: едицијата 10 романи за возрасни од Оливера Николова, романите и збирките од Петре М. Андреевски, четири книги од Влада Урошевиќ, меѓу кои и романот на годината за 2022 година „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. На листата се и класиците од Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Ѓорѓи Абаџиев, како и лектирните изданија на Автобиографијата на Григор Прличев, „Бели мугри“ од Кочо Рацин, „Силјан штркот“ и Автобиографијата на Марко Цепенков и сликовницата за деца „Бајки од Македонија за цела година“ (издание на „Арс Ламина“ и Движењето „Браво сине!“).
Студентите од Лекторатот по македонски јазик ќе можат да ги читаат и делата од современите македонски автори, кои се досегашни добитници на наградата „Пегаз“: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022). Во пакетот се и романите што влегоа во потесниот избор на оваа награда: „Ние“ од Ана Стојаноска, „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, „Деса“ од Ивана Трајаноска и други.
„Арс Ламина“ ги донира и стручните книги: „Практикум по македонски јазик“ 1 и 2, „Дидактика на јазичното подрачје“ и „Вовед во прагматика: Јазик и комуникација“.

Дополнително, на 11 мај 2023 година во просториите на Филозофскиот факултет во Риека беше претставен хрватскиот превод на книгата „Детелинки-белинки“, која првично беше објавена од „Арс Ламина“. Книгата „Дјетелице бјелице“ има шеснаесет современи бајки од македонски автори, кои на хрватски јазик ги преведоа студентите на студиите по преведување на Филозофскиот факултет во Риека, а под менторство на лекторката по македонски јазик м-р Биљана Стојановска. Уреднички на книгата се: Биљана Стојановска, Жељка Мацан и Петра Жагар Шоштариќ, а илустрациите ги направи Мелани Палавра. Книгата ја промовираа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик при УКИМ во Скопје, вонр. проф. д-р Петра Жагар Шоштариќ и доц. д-р Жељка Мацан од Катедрата за транслатологија при Филозофскиот факултет во Риека, а за своето искуство при преведувањето зборуваа и студентките Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар, кои преведоа дел од бајките.
Промоцијата на „Дјетелице бјелице“ се одржа во рамките на манифестацијата по повод 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека, на којашто присуствуваше и ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорот на Република Северна Македонија проф. д-р Милаим Фетаи и др.

Книгата за деца „Детелинки-белинки“, која содржи шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори, излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, спроведен во 2020 година. Приказните се наредени во четири циклуси – како четири листенца на „среќната“ детелинка. Овие современи бајки го збогатуваат омилениот жанр на децата. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели.
Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори: Билјана Станковска („Авантурите на едно мракче“), Владо Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Анита Димовска („Зелената кралица“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“).
Изданието е дел од едицијата „Лесно читливо“, уредено со помош на специјален фонт за полесно читање за деца во фаза на описменување, како и за лица со дислексија, препорачано од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје. Во книгата е вклучен и речник на помалку познати зборови.
























