Онлајн-промоција на „Прагматика: Јазик и комуникација“, прва книга во Македонија посветена на нова научна дисциплина

Книгата „Прагматика: Јазик и комуникација“ од авторките Марија Кусевска и Елени Бужаровска ќе биде промовирана онлајн на 10 декември (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Ова дело е насочено кон релативно нова научна дисциплина што го проучува јазикот од гледна точка на неговите корисници и го продлабочува разбирањето на природата на комуникацијата и ја подига свесноста за начините на користење на јазикот. „Прагматика: Јазик и комуникација“ е издадена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и да се нарача онлајн на http://www.literatura.mk.

Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на делото, Ведран Диздаревиќ, а покрај авторките Кусевска и Бужаровска ќе говори и рецензентката Маја Бојаџиевска, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“. Марија Кусевска е доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Додека, Елени Бужаровска е редовен професор на Филолошки факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова е нивно заедничко дело каде своите стручни познавања ги насочуваат кон прагматиката и пишуваат дело кое е прво од ваков вид во македонската наука и нуди можност да дознаеме повеќе за тоа како функционира јазикот од аспект на неговите корисници. Сите примери искористени во „Прагматика: Јазик и комуникација“ се јасно поставени и „извадени“ од автентични ситуации во македонската средина.

Книгата е наменета и за стручната и за пошироката јавност. Особено е корисна за студентите кои студираат јазици и други хуманистички дисциплини, но е соодветна за читање и за сите што се интересираат за јазикот и комуникацијата. Таа може да најде широка примена: на лингвистите ќе им помогне да ги определат рамките на нивните прагматички истражувања, а на обичните читатели ќе им појасни зошто некои работи ги кажуваме така како што ги кажуваме.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.