
Издавачката куќа „Арс Ламина“ донира книги во обновената читалница во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, која официјално беше отворена денеска (13.06.2019) напладне. Донацијата вклучува стотина наслови од белетристиката и стручна литература – соодветна за студентите. Со ова, „Арс Ламина“ ја продолжува својата мисија да ги направи книгите полесно достапни до читателите од сите генерации, како и да ги поттикне читачките навики.
Обновувањето на читалницата е реализирано во рамките на проектот „Студентски домови без корупција“ спроведен од страна на студентите од студентскиот дом и Младинскиот образовен форум. Акцијата беше спроведена од 1 до 12 јуни, со цел да се уреди просторот во постојната читалница и дворот во студентскиот дом.
Со оваа акција започнува низата студентски акции во државните студентски домови. Студентските акции од проектот ќе се спроведат во државните студентски домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ во текот на јуни 2019 година.

Проектот „Студентски домови без корупција“ се спроведува од август минатата година и ќе трае до јули годинава. Примарната цел на проектот е да се поттикнат институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.
Донаторската акција за книги и стручна литература ќе остане активна и по официјалното отворање на обновената читалница, за сите заинтересирани физички и правни лица да можат да дадат свој придонес.















