
Непосредно пред почетокот на јубилејното десетто издание на Меѓународниот гитарски фестивал и натпревар „Тремоло“, што се одржа од 9 до 12 мај во Скопје, во „Астрорум“ ни гостуваше Дарко Багески, нашиот врвен гитарист и гитарски педагог којшто концертира насекаде во светот, но многу ретко дома.
Дарко Багески своето музичко образование го стекнал во Скопје, Македонија (кај проф. Јане Пенов) и Загреб, Хрватска (кај проф. Џевдет Сахатхија) и дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија (кај проф. Јирген Рост). Неговата едукација продложува на постдипломските студии на Националниот конзерваториум за музика во Солун, Грција, во класата на проф. Герхард Рајхенбах, а магистерскиот степен го освојува под менторство на проф. Костас Коциолис.

Багески има остварено многу концерти и рецитали во Германија, Грција, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Италија, Шведска, Кина и САД, а учествувал и на семинари и врвни часови со светски признаени гитаристи како: Павел Штајдел, Томас Милер Перинг, Лаура Јанг, Зоран Дукиќ, Аниело Дезидерио, Никита Кошкин, Ернесто Битети, Карло Маркионе, Одар Асад и други.

Дарко Багески, исто така, дејствува како солист со многу камерни оркестри, но и со симфониски, како оној со оркестарот на Македонската филхармонија. Меѓу многуте награди, тој ги освојува наградите од Асоцијацијата на музичките и балетските педагози на Македонија за долгогодишна успешна педагошка работа.
Моментално работи како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и е уметнички директор на фестивалот „Тремоло“, како и основач на Летната академија за гитара во Охрид. Воедно ја извршува и функцијата претседател на Македонската заедница за класична гитара.















