
Доколку сакате оваа година вашиот дом или, пак, работните простории да ги декорирате поуникатно, можете да избегнете користење на природна или вештачка елка. Покрај веќе популарната идеја со дрвена рамка на ѕид во форма на елка, годинава обидете се да направите елка од книги. Таа ќе донесе посебна новогодишна магија во просторот.

Како успешно да ја наредите елката?
Испразнете ги своите домашни библиотеки и почнете да ги редите книгите. Можете да ги наместите на повеќе начини: како пирамида или во триаголна форма, налегнати, исправени, па дури и со отворени страници. Најважно е долниот дел да биде поцврст, а врвот да заврши со најмалите книги. Па така, најпрво почнете со поголемите изданија, колекционерските наслови или енциклопедии, како и со книгите со дебел повез. Продолжете со романи со стандарна величина и завршете со неколку мали книгички.

Финална декорација
Иако книгите наредени во форма на елка сами по себе се украс, сепак, за збогатен новогодишен впечаток може да ја декорирате со светилки, украсни ленти или герланди. Исто така, може да додадете лампиони или минијатурни новогодишни фигури: дедо мразовци, снешковци, ирваси, снегулки… Покрај елката поставете ги подароците за саканите.
Среќни празници!






















