Мемоарите на Мишел Обама излегуваат во ноември

Една од книгите што најмногу се очекуваше изминативе години се мемоарите на поранешната прва дама на Америка, Мишел Обама, чиешто објавување се очекува на 13 ноември годинава.

На својот профил на „Твитер“, Мишел Обама објави дека нејзината книга, насловена како „Becoming“, а ќе излезе од печат една недела по изборот на Конгресот во САД, наведува „Асошиејтед прес“.

Мишел и нејзиниот сопруг, поранешниот американски претседател Барак Обама, минатата година потпишаа заеднички договор со издавачката куќа „Пингвин“ (Penguin Random House) и се проценува дека заеднички двајцата ќе заработат околу 30 милиони долари.

Книгата ќе биде објавена на 24 јазици, од шведски до арапски.

Мемоарите на поранешните први дами на САД секогаш добро се продавале, а се очекува книгата на Мишел Обама да биде вистински културен и комерцијален настан. Досега има објавено една книга за градинарство во 2012 година.

Книгите „Сништата на мојот татко“ и „Смелоста на надежта“ на Барак Обама се продадени во повеќе милиони примероци. Сè уште не е објавено кога ќе се појават неговите мемоари, но се очекува во нив тој да се фокусира на осумте години поминати во Белата куќа.

Напишете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.