Еден Колумбиец, кој 20 години возел камион за ѓубре во Богота, ги собирал фрлените книги и на приземјето на својата куќа отворил бесплатна библиотека.
Хозе Алберто Гутиерес го доби прекарот „Господар на книгите“, бидејќи од 1997 година почнал да собира книги, кога забележал дека граѓаните ги фрлаат книгите во кантите за ѓубре.
Гутиерес, кој сега има 54 години, изјавил дека првата книга што ја има извадено од контејнер е „Ана Каренина“ на Лав Толстој. Подоцна, дома ги носел примероците на „Малиот принц“, „Илијада“ и дела на најпознатиот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес.
Потоа, соседите почнале да доаѓаат и да прашуваат да зајмат книга за себе или за своите деца.
Гутиерес, во 2000 година, заедно со својата сопруга, одлучил да го преуреди приземјето на својата книга и да го претвори во бесплатна библиотека наречена „Моќта на зборот“.
Успехот на оваа иницијатива ги надминал очекувањата, бидејќи како помош во библиотеката почнаа да доаѓаат волонтери и странци.
Сопругата ги „лекува“ книгите
Некои од книгите се наоѓале во многу лоша состојба, па сопругата на Гутиерес, инаку кројачка, имала идеја да отвори „Болница за зборови“, во која се лепат страниците и се менуваат кориците на пропаднатите книги.
Библиотеката, што во меѓувреме стекна светска слава, била гостин и на саемите за книги во Чиле, Мексико и Богота, а денес стана место за собирање деца кои без здив ги слушаат приказните што им ги читаат.
Недостигот на простор го принуди семејството Гутиерес да патува низ Колумбија и бесплатно да им ги дели книгите на мештаните во зафрлените населени подрачја.
Училиштата и другите образовни институции го повикуваат семејството Гутиерес на помош, дури кружат и приказни дека претставник на побунетата герила ФАРК еден ден го побарал Гутиерес на телефон и го замолил да издвои книги за побунениците кои се подготвувале по 50 години вооружена побуна, да се вратат во цивилниот живот.
Извор:
http://www.bbc.com/news/education-40173423
















