Густаво Адолфо Бекер (17 февруари 1836 – 22 декември 1870) е можеби најчитаниот шпански автор по Сервантес, водечка фигура на шпанскиот постромантизам и инаугуратор на модерниот шпански книжевен сензибилитет. Делумно познат за време на својот живот, со вистинска слава се здобива дури по смртта; денес речиси сето негово творештво – седумдесетината песни од Рими и дваесет и едниот расказ од Легенди – е неодминлив дел од учебниците по шпанска книжевност.
Ритмизирани од своевидна поовско-хофмановска растрепереност на сетилата и духот, а сепак, пишувани со воздржаност на врвен класицист – расказите од Легенди се меѓу најпознатите фантастични раскази во светската литература. Низ нив, Бекер портретира цела низа незаборавни ликови сместени во околности што постојано го потсетуваат читателот дека никогаш не сме поживи од миговите кога сме на работ да го загубиме она што најмногу ни значи – соништата, љубовта или сопствените животи. Редок спој на пагански верувања и католички доктрини, на мистичност и секојдневност, на рационалност и делиричност, во текот на сто и педесетте години меѓу неговата смрт и ова издание, Бекеровите прозни записи се толку сеприсутни меѓу говорителите на шпанскиот јазик што, денес, дел од нив се имаат вратено во сопствените извори, претворајќи се, врз усните на новите раскажувачи, и самите во – легенди.














