Oмилени книги за 2016 година според Бил Гејтс

Никогаш порано не сум се чувствувал толку копнежлив за учење како што се чувствувам денес. Како млад, имав неколку опции да учам сам. Моите родители имаа сет енциклопедии за книгите низ светот, што ги читав по азбучен редослед. Но, немаше курсеви на интернет, видеопредавања или поткасти што ќе ме запознаат со нови идеи и мислители, како што имаме денес.

Сепак, читањето книги ми е омилен начин да научам за некоја нова тема. Уште како дете, во просек читав по една книга неделно. Дури и кога распоредот ми е надвор од контрола, успевам да исцедам многу време за читање.

Ако барате книга во која ќе уживате за време на празниците, еве неколку од моите омилени од оваа година. Тие покриваат еклектична мешавина од теми – од тенис до чевли за тенис, од геномика до врвно лидерство. Сите се многу добро напишани и сите до една ме „џитнаа“ во зајачка дупка од неочекувани увиди и задоволства.

Ова се омилените книги за 2016 година на Бил Гејтс

„Теорија на жицата“, од Дејвид Фостер Волис. Оваа книга нема врска со физика, но нејзиниот наслов ќе ве направи да изгледате препаметно доколку ја читате во воз или во авион. „Теорија на жицата“ е хрестоматија од петте најдобри есеи од Волис за тенис, спорт што го баталив за време на моите денови во „Микрософт“ и на кој денес повторно му се предавам со голема страст. Не мора да играте или да гледате тенис за да ја засакате оваа книга. Покојниот автор беше вешт со перото исто колку што Роџер Федерер беше вешт со тенискиот рекет. Овде, исто како и во другите негови дела, Волис пронајде вчудовидувачки начини да го свиткува јазикот како метална лажица.

„Чевларски пес“ од Фил Најт. Овие мемоари, од коосновачот на „Најк“, е освежувачки чесен потсетувач за тоа како патот до успех во бизнисот навистина изгледа: неуреден, претпазлив и полн со грешки. Го имам сретнато Најт неколкупати низ годините. Тој е извонредно фин, но исто така е молчалив и тежок за запознавање. Овде Најт се отвора на таков начин на кој само неколкумина генерални директори се расположени да се отворат. Мислам дека Најт нема намера да го научи читателот на ништо. Наместо тоа, тој постигнува нешто подобро. Тој ја раскажува својата приказна колку што може почесно. Имате што да прочитате.

„Генот“, од Сидарта Мукерџи. Лекарите ги сметаат за „тројна закана“ кога се грижат за пациентите, предаваат пред студентите по медицина и спроведуваат истражување. Мукерџи, кој ги прави сите овие работи на Универзитетот „Колумбија“, е „четворна закана“, бидејќи тој исто така е добитник на Пулицерова награда како автор. Во својата последна книга, Мукерџи нè води низ минатото, сегашноста и иднината на геномската наука, со посебен осврт на огромните етички прашања што најновите и најголемите геномски технологии ги предизвикуваат. Мукерџи ја напиша оваа книга за лаичка публика, бидејќи знае дека новите геномски технологии се врвот што нè засегнува сите нас на мошне длабок начин.

„Митот за силниот водач“ од Арчи Браун. Годинешната жестока изборна битка ме натера да ја земам оваа книга од 2014 година, од страна на еден интелектуалец од Универзитетот „Оксфорд“, кој предаваше за политичко лидерство – добро, лошо и грдо – повеќе од 50 години. Браун покажува дека водачите кои ги прават најголемите придонеси за историјата и човештвото обично не се оние што ние ги перципираме како „силни водачи“. Наместо тоа, тие обично се стремат да соработуваат, делегираат и преговараат – и сфаќаат дека никој не може или не треба да ги има сите одговори. Браун не можеше да предвиди колку неговата книга ќе добие на тежина во 2016 година.

Со почест ја споменувам: „Електрична мрежа“ од Гречен Баке. Оваа книга, за нашата сè постара електрична мрежа, се вклопува во еден од моите омилени жанрови: „Книги за банални работи што всушност се фасцинантни“. Дел од причината поради која оваа тема ми е фасцинантна е фактот што мојата прва работа, како средношколец, беше да пишувам софтвер за ентитетот што ја контролира електричната мрежа во северозападот. Но, макар и никогаш да не сте помислиле на тоа како електрицитетот доаѓа до вашите уреди, мислам дека оваа книга ќе ве убеди дека електричната мрежа е едно од најголемите инженерски чуда на модерниот свет. Мислам дека исто така ќе сфатите зошто модернизирањето на електричната мрежа е толку сложено и толку суштинско за градење на нашата иднина со чиста енергија.