Поетесата, уметница и „кума на панкот“ Пати Смит, снимена како чита извадок од експерименталниот роман на Вирџинија Вулф „Бранови“, секако со нејзин печат и во нејзина интерпретација…
Читањето од романот „Бранови„ (The Waves“), на вечерта посветена на Вирџинија Вулф, е одржано во рамки на „Land 250“, изложба на фотографии и уметнички дела на Пати Смит, на 28 март 2008 година во Фондацијата Картие за современа уметност во Париз. Датумот е симболичен, бидејќи токму на тој датум беше 67-годишнината од самоубиството на Вирџинија Вулф. Читањето е придружено со пијано и гитара, во изведба на синот и ќерката на Пати, Џексон и Џеси.
За смртта на Вулф, Пати вели: „Вирџинија Вулф си го одзема животот на 28 март 1941. Верувам дека ја донесе оваа одлука свесно, тоа е нешто што мораше да го направи како човечко суштество, и затоа не мислам дека ова е тажно. Само мислам дека е тоа денот кога Вирџинија Вулф реши да каже збогум. Значи ние не го прославуваме тој ден, ние само го одбележуваме. Ако треба да смислам некое име за оваа вечер, ќе ја наречам „Wave“ (мафтање). Ние и’ мафтаме на Вирџинија“.
Изборот на името „Wave“ повторно си носи своја симболика и е значајно за Пати. Тоа е и името на последниот албум на Пати, во 1979 година, пред практично да се повлече од музичката сцена. Воедно, дел од изложбата се и серија фотографии кои Пати ги има направено во домот на Вулф во Сасекс.















