Иконичниот писател и сликар Хенри Милер ја спроведувал својата секојдневна „пишувачка“ рутина, подетално објаснета во книгата „Хенри Милер за пишувањето“, водејќи се по неговите т.н. „11 заповеди“.
Во 1932-1933, додека работел на она што ќе прерасне во неговиот прв објавен роман – „Раковиот напоредник“, Милер се мотивирал со „единаесетте заповеди за пишувањето“.
- Работи само на една работа во моментот, сè додека не ја завршиш.
- Не почнувај нови книги, не додавај нов материјал во „Црната пролет“.
- Не биди нервозен. Работи мирно, радосно, немарно, без разлика на материјалот.
- Работи според Програмата, а не според расположението. Престани со работа во определеното време.
- Кога не можеш да креираш, можеш да работиш.
- Цементирај по малку секој ден, подобро одошто да поставуваш нови темели.
- Не заборавај дека си човек! Гледај се со луѓе, оди на разни места, пиј ако ти се пие.
- Не биди коњ за орање! Работи само со задоволство.
- Отфрли ја Програмата ако така ти дојде – но врати и’ се следниот ден. Концентрирај се. Конкретизирај. Исклучувај.
- Заборави ги книгите што сакаш да ги напишеш. Мисли само на книгата што ја пишуваш.
- Пред сè и секогаш – пишувај. Сликањето, музиката, пријателите, киното, сите тие се на второ место.
Во „Хенри Милер за пишувањето“ е објаснета и неговата дневна програма, своевидна шема за продуктивност, инспирација и ментално здравје…
ВО УТРАТА:
Ако си гроги, пишувај забелешки и алоцирај, како стимул.
Ако си во добра форма, пишувај.
НА ПОПЛАДНЕ:
Работи на тековната секција, следејќи го планот за тој дел без отстапки. Без прекини, без застранувања. Пишувај за да завршуваш секција по секција, засекогаш.
НАВЕЧЕР:
Види се со пријателите. Читај во кафулиња.
Истражувај непознати делови од градот – пеш ако е влажно, со велосипед ако е суво.
Пишувај, само ако си расположен.
Сликај ако си празен или уморен.
Пишувај забелешки, прави шеми, планови, коригирај…
Забелешка: Дозволи си доволно време додека е дење за повремени посети на музеи, повремен цртеж или возење со велосипед. Цртај во кафулињата и возовите и улиците. Скрати ги филмовите! Бибилиотека – за референци еднаш во неделата.















