Книгите ни се многу потребни, особено денес, кога вредностите се изменети

Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите, е непроценливата смисла на човековото постоење. Да се чита книга значи да се открива нов свет. Книги имало и ќе има секогаш, сè додека постои човековата потреба за знаење, за раскажување и за читање на сè што е напишано, се вели во македонската порака на проф. д-р Ана Стојаноска, што ја прочита вчера во Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за време на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 април, востановен од УНЕСКО во 1995 година.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје е вклучена во ова празнување и е координатор на активностите низ државата, годинава со поддршка на амбасадите на Шпанија и на Германија. Издавачката куќа „Арс Ламина“, по повод Светскиот ден на книгата и авторско право, на настанот донираше 50 книги во свое издание.

Во својата порака, Стојаноска вели дека во книгите се скриени сите одговори, дури и на оние непоставените прашања. Книгите, како што појаснува, постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите.

– Книгите се создавале и се пишувале, но пред сѐ, се чувале за да бидат дел од колективната оставина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Особено денес, кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку блиску до сопственото уништување. Книгите ни требаат на сите. На малите деца да го научат и да го проучат светот што го среќаваат по првпат, на младите луѓе кои побрзо сакаат сè одеднаш и веднаш, на луѓето во сериозни години за познавање на некои други времиња… Нам ни требаат книги што ни носат нови светови. Книгите што ни го објаснуваат овој свет и сите други науки. Книгите со кои растеме, книгите што не нè оставаат да спиеме, книги што скришум ги препрочитуваме. Колку се важни книгите можеме да видиме и во некој режим, дури и во некои научно-фантастични приказни, каде што на човекот, кога му ја одземаш книгата, му ја одземаш слободата. Книгите се слобода. Да се пишува, пак, значи да се создава еден нов свет. Колку сите приказни да се раскажани, секогаш има некоја што може да се раскаже на друг начин – рече Стојаноска.

Во порака на генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле, која денеска, за време на одбележувањето на Светскиот ден на книгата, ја прочита авторот Благој Веселинов, се вели дека книгите се едни од најневеројатните предмети што постојат. Книгата е суштинско средство за образование и извор на знаења.

– Со книгите учиме да читаме, благодарение на нив стануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот. Книгата е исто така исклучителен начин да се откријат светови, кои инаку би било тешко да се сретнат. А уште потешко да се разберат. Книгите овозможуваат комуникација меѓу местата и времињата и со тоа ни нудат интимен пристап до другарства и поттикнуваат меѓусебно почитување и разбирање меѓу поединците и културата. Сепак, за книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал од суштинско значење е тие да ја одразуваат извонредната мистична разновидност на нашиот свет. Секој пишан јазик со себе носи посебен свет, посебна перспектива за нештата и суштествата, посебен начин на размислување и чувства – потенцира во пораката Азуле.

Таа испраќа порака да ги промовираме делата од сите култури, на сите јазици онлајн, како и првично да ги наградуваме сите што се занимаваат со книжевност и со книжевната индустрија, почнувајќи од авторите.

Директорот на Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи, во своето обраќање денеска рече дека ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, ниту телевизијата и другите средства за информирање не можат да го заменат читањето на книгата. Тој потенцираше дека Светскиот ден на книгата и авторското право се одбележува со цел да се признае моќта на книгите за подобрување на нашиот живот. Но, и за да ја поддржиме книгата и оние што ја создаваат.

– Секогаш се навраќаме кон пишаниот збор, кон книгата, во потрага по вистината. Ниту еден друг воспитен и образовен инструмент ниту телевизијата и другите средства за информирање не можат да го заменат читањето на книгата. Книгите се непроценлива платформа за слобода на изразувањето и непречен проток на информации, што е составен елемент на секое современо општество – рече Куќи во обраќањето.

Инаку, 23 април има голема симболика за светската литература. На овој датум во 1616 година починале Шекспир, Сервантес и Инка Гарсиласо де ла Вега. Исто така, тоа е датум на раѓање или смрт на други истакнати автори, како што се Морис Друон, Халдор К. Лакнес, Владимир Набоков, Јозеп Пла и Мануел Мехија Валјехо. Од почит кон интернационално познатите книги и автори и нивната поврзаност со овој датум, поттикнувајќи ги сите, а особено младите луѓе, да го откријат задоволството од читањето и да стекнат почит кон незаменливиот придонес на оние што го унапредуваат социјалниот и културниот напредок на човештвото, УНЕСКО го создал Светскиот ден на книгата и авторското право. Ова бил и природен и очекуван избор на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржала во Париз во 1995 година.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.