Се чека ред за позајмување на „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков во библиотеките

Наградуваниот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, кој беше избран за книга за месецот февруари во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, предизвика голем интерес кај читателите. Имено, за книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, има долга листа за позајмување од библиотеките. Во рамките на кампањата на библиотеката „Читаме современи македонски автори“, изминатиот месец се одржаа повеќе активности поврзани со романот. На 7 февруари во библиотеката се одржa разговор со писателот Русјаков, а на 25 февруари – средбата во Клубот на читатели, на која се дискутираше романот.

– Во рамките на нашата кампања „Читаме современи македонски автори“, која почна во септември 2022 година, а ќе трае до мај оваа година, секој месец избираме книга на месецот и ја промовираме повеќекратно. Во февруари, книгата на месецот беше „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. Романот предизвика голем интерес кај нашите читатели, во сите наши 17 библиотеки и тој интерес не стивнува, затоа што книгата постојано се бара за позајмување. Дел од редовните активности на кампањата е и разговор со авторот што, исто така, помина одлично. Многу луѓе дојдоа лично да се запознаат со Русјаков и да слушнат нешто повеќе за процесот на креирање на приказната во „Хотел меѓу две војни“, како и за неговото целокупно творештво. Месецот традиционално го заокружуваме со Клубот на читатели, неформална средба токму за најважните во целиот процес – читателите. И на оваа средба за „Хотел меѓу две војни“ имаше многу интересна дискусија од оние што ја прочитале книгата, па дури и истражувале поттикнати од неа. Убавите реакции, освен што се големо признание за авторите, се огромен поттик и за нас и за кампањата, чија цел е да ги доближи домашните автори и нивните дела до домашните читатели. На тој начин ја даваме поддршката и за македонските писатели и за македонските издавачи и, секако, за македонскиот јазик – вели Снежана Стојчевска, директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

На книжевната средба со Александар Русјаков, која ја водеше книжевната критичарка и новинарка Александра Јуруковска, авторот рече дека „Хотел меѓу две војни“ е роман за љубовта на Елени и Ататурк што никогаш не се случила.

– Приказната ја носев во себе некое време, потоа малку истражував, многу ја сакам историјата, таа ми е еден вид хоби. Најдов зборник од турски автори за Мустафа Кемал Ататурк и тука најдов фасцинантни историски факти за него. Сакав да напишам приказна за забранета љубов. Во суштината, тоа е многу здодевна тема – се сакаат, не им дозволуваат, се убиваат или се разделуваат. Но, сакав да ја раскажам приказната за Ататурк и Елени Каринте, затоа што сум речиси сигурен дека не се случила, дека опстојува како легенда. Најпрвин ми дојде идејата за насловот, а дури потоа другиот дел од приказната – рече Русјаков.

Клубот на читатели посветен на романот „Хотел меѓу две војни“, што беше организиран минатиот викенд, се одржа под модераторство на Денис Бојаров, еден од најактивните администратори на клубовите на читатели на социјалните мрежи. Клубот на читатели е замислен како неформална средба на оние што ја прочитале или сакаат да ја прочитаат книгата што ја предложи библиотеката во февруари, а е дел од активностите од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

„Хотел меѓу две војни“ ја освои наградата „Пегаз“ (за најдобар необјавен роман во 2021 година) и е добитник на „Рациново признание“ за 2022 година. Станува збор за историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Престојувајќи во бизарен хотел што асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел меѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација.

Романот „Хотел меѓу две војни“ е достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.