„Хотел меѓу две војни“ од Русјаков – книга на месецот февруари во библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Наградуваниот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е избран за книга за месецот февруари во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Со делото, кое ја освои наградата „Пегаз“ (за најдобар необјавен роман во 2021 година) и е добитник на „Рациново признание“ за 2022 година, библиотеката ја продолжува својата голема кампања #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори.

На 7 февруари (вторник) во 19 часот во библиотеката ќе се одржи разговор со писателот Русјаков, а на 25 февруари (недела) е закажана средбата во Клубот на читатели, на која ќе се дискутира романот.

– Разговор со авторот и Клубот на читатели се редовни активности од нашата кампања, кои во февруари ќе му бидат посветени токму на Александар Русјаков и неговиот интересен и наградуван роман. „Хотел меѓу две војни“ е достапен во сите наши библиотеки – се вели во објавата на библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Престојувајќи во бизарен хотел што асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел меѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.