Сликовници за важните нешта при растењето

Едицијата „Железница на чувствата“, во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се збогати со нови четири сликовници за деца над петгодишна возраст, од авторката Маја Мишевска. Живописните илустрации се авторско дело на познатиот и светски афирмиран илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Приказната зад приказните на Маја Мишевска е благородна и многу интересна. Имено, кога Маја имала десет години, а нејзиниот брат Стефан бил петгодишно дете, таа забележала дека брат ù се плаши од темнина. За да му помогне да сфати дека темнината не е ништо посебно, Маја му раскажала приказна за бувот Оли. Така се родил истоимениот расказ. По таа приказна, Маја почнала да пишува уште неколку раскази за нејзиниот брат, што ќе му помогнат да се справи и со други нешта, на пример, првиот училиштен ден, потребата секогаш да се биде прв, да се биде постојано подготвен за секоја пригода итн.

Патем, Маја сфатила дека нејзините приказни се податливи за споделување и одлучила да ги илустрира и да ги пласира на онлајн-продавницата „Амазон.ком“, во верзија за електронски читач „киндл“, на англиски јазик.

Во меѓувреме, приказните на Маја станаа сликовници на македонски јазик, што секому можат да му бидат од корист кога ќе му притреба самодоверба, поддршка, поттик, истрајност или, едноставно, кога ќе посака да си помине квалитетно време со забавна и поучна книга.

Секоја од четирите отпечатени сликовници (од вкупно седум) пренесува една силна поентичка. Па, така, во „Мравката Тони“ се зборува за упорноста како многу важна особина што се здобива од најмала возраст. Тони е лик што обожава да се натпреварува, особено на традиционалните Градинарски игри. Истовремено, тој знае и да поднесува порази и мирно да прифаќа кога некој друг е подобар од него во некоја спортска дисциплина. Не се лути, не завидува и не спори ничиј резултат. Затоа е и омилен меѓу другите учесници. Тоа што го краси е истрајноста. Таа негова карактеристика ќе го издигне на пиедесталот.

Бумбарот Боби, пак, од истоимената сликовница ни ја носи пораката за важноста на другарството и на љубезноста. Боби треба да биде прваче и е многу исплашен во пресрет на големата промена. Негодува и не сака да оди на училиште, но знае дека обврска на децата е да учат. Неговите стравови исчезнуваат зад вратата на училницата, затоа што таму го чека топла и пријатна атмосфера и љубезни другарчиња – впрочем, сето она што го носи во себе и самиот Боби.

Кики е многу дружељубива гасеница, желна да си најде сродно друштво. Иако не прави ништо погрешно, сепак нејзе малку потешко ù оди склучувањето пријателства. Но, колку и да изгледа обесхрабрувачки кога некој ќе одбие другарство, не постои простор за откажување. „Гасеницата Кики“ е токму приказна за важноста на дружељубивоста. Еднаш секој ќе си го најде соодветниот другар со кого споделуваат исти интереси и мечти.

На бувот Оли му е најтешко од сите животни во шумата, затоа што сите мали тишки  неосновано се плашат од нивниот сожител, само затоа што е птица на темнината. Бувовите се познати како ноќни птици, што ги прави и страшни за оние што, всушност, се плашат од темнината. Но, Оли во основата е голем другар, пожртвуван. А тоа ќе им го докаже на животинчињата кога ќе се најдат во неволја. И ќе им потврди дека темнината воопшто не е страшна. Напротив, тоа е оној период од деноноќието кога светот мирува и кога доаѓаат убавите сништа кај децата. „Бувот Оли“ нè поучува дека темнината носи мир.

Откако се покажаа како делотворни овие приказни на Маја Мишевска во случајот со нејзиниот брат, следната цел е да придружуваат што повеќе дечиња во нивниот раст и развој. Денес, Маја е девојка во доцните тинејџерски години и во моментов го оформува своето образование во Италија. Таа е вешта во цртање, пишување и компјутери и е многу социјализирана.

Сликовниците „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“ се достапни во сите книжарници „Литература.мк“, со можност да се нарачаат и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=9182

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.