„Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак е стилско ремек-дело за животот на „малите“ луѓе за време на распадот на СССР

„Треба да си сосема луда за да ѝ поверуваш на една книга. Ама, јас ѝ поверував.“

Романот-добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, „Градина од стакло“ од молдавската писателка Татјана Цибуљак, деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ . Романот е еден од насловите за кои на конкурс во организација на „Арс Ламина“ се избираше дизајн за корици за новата едиција „Порта Европа“. Жирито го избра за победничко решението на Андреј Лавчански.

 „Градина од стакло“ е восхитувачки раскажана приказна, стилско ремек-дело. Роман за животот на „малите“ луѓе во заднината на големите историско-политички промени со распадот на СССР, за идентитетот, за различноста, за борбата на цела една женска генерација да пронајде свое пристојно место во суровиот свет.

Ова е роман за едно девојче сирак, кое ќе успее во животот. Иако главната тема имплицира ризик од мелодраматичност, авторката ја избегнува стапицата пишувајќи стилско ремек-дело. Русинкатa Тамара Павловна ја посвојува Ласточка од сиропиталиште и ја принудува да собира празни шишиња и да ги мие, во еден двор на чуда во Кишинев во осумдесеттите години на минатиот век, каде што рускиот и романскиот јазик се континуирано предизвикани од секакви животни приказни.

Тие тргнуваат низ животот, развивајќи многу сложен меѓусебен однос преполн со љубов и омраза. „Малите“ луѓе од соседството стануваат новото семејство на Ласточка, која излезот од сиромаштијата и насилството ги гледа во образованието. Иако успева да стане докторка, Ласточка не престанува да страда…

Приказната на Ласточка содржи неколку теми: потрага по идентитет, станување жена и мајка, заедно со интензивна оркестрација на чувствителноста и огорченоста и на љубовта и омразата. На привлечен начин авторката го создава секојдневниот универзум, сцена по сцена, еден допир по друг. Девојката-жената-мајката се присетува на своето детство, на тоа колку било нереално и чудесно, како и на нејзината преобразба, распарчена од трагичното мајчинство. Романот содржи неоспорна историска, дури и политичка димензија, што ги допира темите на бесарабиско-романскиот однос и падот на комунизмот. Суптилната напнатост се контролира не само тематски туку и преку предизвици и во вокабуларот и во темите. Елиптично и страсно, творештвото на Татјана Цибуљак е за потрагата по нашето место во светот.

Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, и по националност е Молдавка и Романка. Студира на Факултетот за новинарство и комуникации при Државниот молдавски универзитет. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Во 1999 година му се приклучува на тимот во телевизиската куќа ПРО ТВ Кишинев како репортер, уредник и ТВ-водител, а исто така работи и за УНИЦЕФ во Молдавија. Од 2008 година живее во Париз.

Како писателка дебитира во 2014 година со збирката раскази „Модерни бајки“ од издавачката куќа „Урма Та“ во Кишинев. Во 2017 година го објавува првиот роман: „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ од издавачката куќа „Картиер“ и ги добива следните награди: наградата на Сојузот на писатели на Молдавија, наградата на културно-литературното списание „Опсерватор“ во Букурешт и наградата „Опсерватор лицеум“ на фестивалот ФЛИТ во Јаш, Романија. Романот е преведен на француски и на шпански јазик. „Градината од стакло“ е нејзин втор роман, за кој ја добива наградата на Европската унија во 2019 година.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk на следниот линк:https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15008

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.