„Зелениот дворец“ од авторот Сибо е добитник на наградата „Пегаз“ за 2022 година

Ракописот со наслов „Зелениот дворец“ од авторот Сибо е победник на четвртото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2022 година.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи.

За победникот одлучи жирито во состав: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

Во образложението на жирито се вели:

„Основната наративна нишка на романот ’Зелениот дворец‘ на Сибо ја сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје. Книгата тргнува од познатата, речиси архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти. Во приказната за талентираниот научник и чудак Петар, кој одеднаш ќе се најде пред една навидум нерешлива егзистенцијална ситуација, авторот комбинира судбини на неколку ликови од неколку временски слоеви на Скопје. ’Зелениот дворец‘ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот. Станува збор за динамичен роман, со прецизно исцртани ликови, натопен со хумор и иронија, но и интензивни емотивни сцени. Заради наведените книжевни карактеристики на овој ракопис што го издвоија од другите конкуренти, донесовме едногласна одлука ’Зелениот дворец‘ да ја понесе наградата ’Пегаз‘ за 2022 година. На сите автори кои се пријавија на конкурсот им се заблагодаруваме за нивното учество, а на победникот му ја честитаме првата награда.“

По темелното исчитување на сите пристигнати ракописи, жирито ги извлекува следните заклучоци:

„Одреден дел од ракописите не ги задоволија во целост критериумите на книжевниот жанр роман. Меѓу нив имаше подолг расказ, новели и новелети, роман предвиден за серијал, конфесионален и документаристички некнижевен текст и кратки прозни текстови за деца. Генералниот впечаток од сите разгледани ракописи е дека доминираше жанровска книжевност, односно романсата и трилерот. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата ’Пегаз‘ за 2022 година ги разгледавме и ракописите: ’Писма од лудница‘ од Срѓан Ивановиќ, ’Мртва коска‘ од Димче Парталоски и ’Есента во животот на професорот по марксизам‘ од Моџо Килингтон, кои се издвоија од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.“

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.