Дирона Соколовска: „Пијанистика 1“ е чекор кон модерните тенденции на педагогијата за пијано како дел од културата

Со мини-концерт на ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје и м-р Јована Трајчева, вчеравечер (12 декември), во малата сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје беше промовирана новата стручна книга „Пијанистика 1: Основи на музичката писменост за пијано“ од м-р Дирона Соколовска. Промоторки на книгата, која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, беа уредничката Бранка Бугариска и рецензентката Катерина Ќетковиќ-Фидановска.

„Пијанистика 1“ е прво учебно помагало за целосно изучување на техниката на интерпретација на музичкиот инструмент пијано, наменето пред сè за возрасни почетници, вклучително и учениците во средните музички училишта кои немаат претходно музичко образование.

– Со „Пијанистика 1“ ѝ оддавам почит на мојата ценета, сега покојна професорка Лепша Пиперковска – основоположник на педагогијата по пијано и професорка по пијано и методика на пијаното на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа е авторка на првата школа за пијано во Македонија, издадена уште во 1975 година. Школата е издадена и во 1983 година, а потоа реиздадена како циклус учебници за ученици од основното музичко образование под име „Распеани и разиграни прстиња“ во 1994 година. Оттогаш, таа школа, иако наменета за ученици на мала возраст, заедно со неколку странски публикации, се користат постојано како учебници за почетно изучување пијано со ученици од сите возрасни групи… Идејата за објавување на книгата постои неколку години, но можноста за реализација ја даде Министерството за култура, преку конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година, каде што по првпат во делот за музичко-сценска дејност беа вклучени и музички публикации. Во форма на ракопис, книгата е создавана во последните пет години. Доброволен придонес со свои корекции, сугестии и предлози во текот на работата дадоа неколку мои колеги-наставници по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Како потпишани соработници на книгата се јавуваат: за изработка на нотографии м-р Стефана Марковиќ, за избор на музички дела од народно творештво – м-р Тијана Јаневска, а посебен придонес во музичките дела компонирани за пијано од домашни автори даде композиторот и наставник по пијано м-р Борис Светиев – рече авторката Дирона Соколовска.

Во книгата, освен теориски содржини наменети за објаснување на поимите од теоријата на музиката (тоналитет, скала, акорд, интервал, начини на свирење итн.) и историјата на музиката (конструирање на пијаното, историјат и типови на пијана), се содржат близу 150 нотирани музички дела – нотни партитури од композиции за свирење на пијано со две раце.

– Книгата нема поглавја, во класична смисла, туку е континуиран сплет на наставни единици во чиј состав се нотни партитури од музички дела и теориски објаснувања за музичките поими, како и начинот на совладување на техниката на свирење. Токму богатите објаснувања за методот и техниката на свирење ја одвојуваат оваа книга од сличните школи за пијано. Посветив најмногу внимание на постапноста на музичкиот материјал, која ја обезбедив преку создавање свои авторски вежби. Особено водев грижа и за свежината на музичките дела во книгата – тие во најголем дел не се застапени во ниту една школа за пијано што се користела на овие простори. Освен автентични музички дела за пијано од композитори кои припаѓаат на светското културно наследство, за репертоарот на книгата се изготвени аранжмани на теми од класичната музика, џез-стандарди и песни од мјузикли на Бродвеј, регионални традициски песни и ора, но и дела од македонскиот композитор од младата генерација – Борис Светиев – рече Соколовска и најави дека во моментов работи и на второто продолжение на книгата, „Пијанистика 2“. Со неа ќе се комплетира знаењето што ги опфаќа основите на музичката писменост за пијано.

– Методот за изучување пијано во „Пијанистика 1“ е оригинален, создаден од авторката преку грижливо евидентирање, анализа на податоци и педагошка практика со ученици од најмала до средна возраст, во текот на сопствената 25-годишна работа како педагог по пијано, а со цел ефективно и ефикасно совладување на градивото и усвојување на знаењата. Секоја тематска единица е грижливо обработена и содржи: воведен текстуален дел, кој на корисникот му помага да го поврзе знаењето со претходните знаења; практичен дел – избор нотен материјал од ризницата на светската музика за свирење, наменет за усвојување на новото знаење преку свирење; и заклучен дел – за проверка на знаењето – истакна уредничката Бранка Бугариска.

Дирона Соколовска има дипломирано на одделот за пијано во класата на проф. Лепша Пиперковска, а магистрирала методика на музичката настава, под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја. Од 1995 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, со ученици на возраст од 6 до 18 години. Има двегодишно работно искуство како наставник по методика на музичкото образование и воспитание на Педагошкиот факултет на УДГ Штип и повремени едукативни активности со возрасни почетници. Издавањето на „Пијанистика 1“ е нов, најзначаен момент во нејзината професионална биографија.

Објавувањето на книгата е поддржано со Годишната програма на Министерството за култура за 2022 година.

Книгата „Пијанистика 1“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.