Новиот роман „Смртта не е крај“ од Владо Јаневски ја разработува темата – дали умирањето е нов почеток?

Колку е реалноста објективно вистинита, а колку постои само како субјективна свест за она што е околу нас? И дали воопшто тоа што го перципираме како природа на нашето постоење не е можеби производ на нешто надвор од нас самите? Дали смртта е нов почеток, а не крај? Дали е таа коректив на постоењето што ѝ претходело и колку и самата е реална? Концептите на постоењето и нашето поимање на реалноста што заземаат централно место во новиот роман на Владо Јаневски „Смртта не е крај“ се суштествено метафизички и епистемолошки, всушност едни од најстарите филозофски проблеми: како стекнуваме знаење, што е реалност и како можеме да знаеме дека реалноста не е само во нашата глава/свест?

Во обидот да поттикне размислување во насока на научниот скептицизам, авторот црпи од современите теории на свеста, навраќајќи се често на преломот меѓу реалното и феноменолошкото. На тој прелом стојат ликовите во романот кои се движат во лавиринт и секој од нив го бара излезот, својот излез. Или барем тие мислат така.

Книгата деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Како и во претходниот роман на авторот, „Мртвите знаат најдобро“, и овде убиецот-уметник Фуриозо е главен лик. Во „Смртта не е крај“ го следиме Фуриозо на неговиот пат на себеспознавање и разбирање на постоењето, на откривање смисла во апсурдноста, на барање убавина во чинот на умирање, конечно – на препознавање и прифаќање на животот онаков каков што е и градење успех од урнатините на неуспесите. Но, дали Фуриозо го изодува тој пат по своја волја и замисла или е можеби само марионета во нечии раце?

Владо Јаневски е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор и светски патник, кој последниве неколку децении живее во Сиднеј, Австралија. Во 2020 година го освои првото место на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, за ракописот „Мртвите знаат најдобро“.

Роден е во Прострање, Македонија. Завршил гимназија во Битола, а високо образование стекнал на Универзитетот во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија, и често патува по светот. Досега престојувал во преку шеесетина земји. Ги има објавено романите: „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019),  „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004) и збирка наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Повеќепати бил наградуван на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008) и „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007). Во 2006 и 2007 година, под псевдонимите Буши Мит и Бромофон, повеќепати бил наградуван на конкурсот за краток расказ „Електролит“ на „Темплум“ од Скопје. Застапен е во антологиите „Македонската поезија во Австралија“ (Сиднеј, 1996), „Светски конгрес на поети“ (Сиднеј, 2003) и зборниците „Поетски иселенички меридијани“ (Скопје, 1996), „Коти на копнеж и страст“ (Сиднеј, 2003). Се занимава и со сликарство, скулптура во дрво, цртање стрипови и илустрирање. Објавил серија забележани карикатури во познатиот австралиски неделник „Булетин“ (The Bulletin). Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувал карикатури во познатиот австралиски магазин „The Bulletin with Newsweek“. Неговите стрипови „Палавковците“ и „As Long As We Try“ редовно се објавуваат на „Фејсбук“ и на неколку портали и се следат од поголем број читатели. Работи и како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“ каде што претставува македонски автори кои живеат надвор од Македонија.

Книгата „Смртта не е крај“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата http://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14929

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.