Оливија Георгиевска: Боенката за возрасни „Тајната градина“ е креативна антистрес терапија

Цртањето, боењето и секоја креативна работа може да дејствува терапевтски, во намалување на стресот. Ова лето можете да се релаксирате со новата креативната боенка за возрасни „Тајната градина“ од авторката Оливија Георгиевска, која неодамна излезе од печат во издание на „Скрипти“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Изданието содржи 19 прекрасни илустрации на цветови од градината, кои можат да се обојат и да се врамат во слика. На задната страна од секој цртеж за боење е даден и опис на цветот и приказна или легенда поврзана со него, како и симболиката на цветот. Обоените цвеќиња можете да ги врамите и потоа со нив да ги разубавите вашите ѕидови. Во изданието застапени се илустрации за боење од: кокиче, качунка, кукурек, нарцис, анемона, кралско цвеќе, калифорниска или златна булка, крупно лутиче, перуника, ирис, црвен слез, девојкино срце, кандилка, фуксија (обетка), крин, рајска птица, циклами, синоличка, темјанушка, љубичица, амарилис и орхидеја.

– Идејата за правењето на боенката се роди за време на пандемијата, кога сите поминувавме повеќе време во своите домови и кога во таков затворен свет, човек почнува да се чувствува стеснето. Во тие денови сфатив дека најдобар начин да се справиш со чувството на насилна отуѓеност од пријателите, луѓето, семејството, сиот тој тесен простор за социјализација, е да работиш. Во овој случај е пронаоѓање на креативното во себе и негово остварување. Така поминував време во цртање, пишување и во еден миг се спои идејата за книгата. Боенката можат да ја бојат луѓе од различна возраст – вели Георгиевска, која е професорка по македонски јазик и литература и по уметност, како и академски координатор во „Американ колеџ“.

Позната е како авторка на серијалот сликовници „Игра со именки“, „Игра со глаголи“ и „Игра со придавки“ (сите во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“), а со новото издание за возрасни „Тајната градина“ таа опфаќа сегмент од својот афинитет кон цртањето и ботаниката.

– Боењето е забавно, релаксира и опушта, особено што може да се експериментира со разни техники, бои и што секој што може да држи молив во боја – може да креира. Од друга страна, на некој начин таа има и едукативна природа, затоа што малите пригодни текстови одзади имаат широк спектар на информација. Тука е биологијата (објаснувањето на цветот), географијата (местата каде што расте), имињата (латинскиот јазик), митологијата и приказни на разни народи, како и симболиката што е посебно интересен аспект. Оваа симбиоза на факти е доволно широка за да биде интересна за сите возрасти – вели таа.

Таа порачува да се препуштите на префинетите илустрации и да уживајте во разиграните мотиви, чие боење ќе ве опушти и ќе ве одмори. Отворете ја вратата на тајната градина и дозволете си релаксирано време, време без стрес, време само за вас! Ова издание е одлична креативна антистрес терапија.

– Боењето и сите видови работа со рацете се сметаат за посебна помош при опуштање и како антистрес терапија. Зошто? Затоа што човек, фокусирајќи се на работата на рацете, нема премногу време да се оптоварува со мисли што го мачат, а боејќи нешто како цвеќе, кое е украсот на планетата, смислувајќи бои, комбинации… сето тоа му ги одвлекува тешките размисли и стравови. Неслучајно, дури и научно е докажано дека плетењето и везењето не му дозволува на умот да старее… Лично, како и секој друг човек, емотивно го доживувам светот и секојдневните случки, но научив да го оставам проблемот настрана и барем за кратко време да се ослободувам од непотребни мисли – навистина помага… Ме изненади големиот интерес и ентузијазам на моите многубројни пријатели кои искрено се израдуваа на боенката. Особено што сите тие цртежи имаат и намена – да се обојат и да се врамат. Очекувам да ме изненадат наскоро и да ми покажат на кој начин биле иновативни и едноставното очекување, да го претворат во сопствено задоволство – вели таа на крајот.

Изданието е достапно во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14925

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.