Џон Илија Апелгрен: „Забранети луѓе“ e книжевен документарец за музичарите за време на пандемијата

„Цензурата за уметноста значи исто што и линчот за правдата.“

Со оваа мисла на Хенри Луис Гејтс познатиот македонски џез-вокалист Џон Илија Апелгрен ја почнува својата приказна во книгата „Забранети луѓе“. Делото, кое е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е своевиден книжевен документарец за незавидната состојба на дел од џез- и рок-музичарите за време на пандемијата со Ковид-19.

Апелгрен ни насон не помислил дека во паниката што настана од вирусот, независните уметници-изведувачи ќе бидат сосема заборавени и тргнати настрана од системот… Дека ќе бидат забранети ноќните свирки и настапите во живо во локали. Тој е еден од многуте музичари на кои со мерките за справување со пандемијата им беше забрането да настапуваат. Тие станаа „забранети луѓе“.

Оваа ситуација го поттикнала Апелгрен да ја создаде својата книга, во која ги собира приказните на 14 домашни музичари, чијашто главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Меѓу нив се: Благоја Антовски (тапани), Игор Атанасоски-Харе (гитара), Трајче Велков (труба), Калина Велковска-Кали (вокал), Зоран Костадиновски (гитара), Крле (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Џоле Максимовски (бас-гитарист), Андреа Мирческа (контрабас), Иван Петровски (гитара), Полина Тасева (сопран), Петар Ренџов (гитара), Гордан Спасовски (пијано), Арбен Бени Шаќири (вокал) и Џон Илија Апелгрен (вокал).

Книгата „Забранети луѓе“ ќе биде промовирана утре (22 јуни, среда), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоцијата ќе биде збогатена со музички настап во живо на Апелгрен и џез-пијанистот Гордан Спасовски. Објавувањето на книгата има солидарен, односно хуман аспект, за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата. Со купување примерок од „Забранети луѓе“ им се помага токму ним – на забранетите луѓе.

По тој повод поразговаравме со Џон Илија Апелгрен.

Познат по својот кадифен глас, џез-пејачот Џон Илија Апелгрен повеќе од три децении ги исполнува најубавите џез-стандарди од светската музичка сцена. Тој е еден од најдобрите вокали во регионот, а зад себе има импресивна кариера, исполнета со многубројни настапи како солист со разновидни оркестри и ансамбли, со значаен број на студиски снимки и редовни настапи на фестивали и концерти надвор од земјава. За време на неговата богата кариера има настапувано на концерти во Македонија, Србија и Грција, со биг-бендови, симфониски оркестри и во помали џез-формации. Има настапувано на престижни домашни и меѓународни фестивали. Има снимено повеќе од 150 џез-стандарди. Неговиот репертоар се состои од композициите на легендарните пејачи Нет Кинг Кол, Френк Синатра, Тони Бенет, Антонио Карлос Жобим, Пол Енка и други. „Забранети луѓе“ е негова прва книга.

* Насловот на книгата „Забранети луѓе“ можеби е едноставен, но носи две симболики: забранети и ранети луѓе. Која е главната порака што сакате да ја пренесете со објавување на оваа книга?

– Оваа книга е пишан документ што претставува едноставен, но прецизен одговор на она што ни се случи и како се справувавме со оваа криза како поединци и како општество. Свесни сме дека имавме пандемија и дека застана цел свет. Но, исто така, сме свесни дека некои држави беа спремни да обезбедат егзистенција на оние на кои им забранија да работат во одреден период.

* Како настана идејата да ја објавите книгата? Колку затворањето на светот за време на пандемијата отвори во Вас потреба за пишување и нов начин на креативно изразување?

– Лично, затворањето или мерките не ми претставуваа никаков проблем. На топло, со пристап до струја, топла вода, интернет и технологија – не е невозможно да се издржи. Проблем претставуваше како тој што ги наметнува мерките, ги игнорира финансиските последици од нив. Во период на присилно мирување, претпоставувам дека секој креативен ум бара начин да ја канализира креативната енергија што извира од него. Во ситуација кога начинот на којшто уметникот тоа вообичаено го прави е невозможна, умот се отвора. Освен оваа книга, развивам идеи за два телевизиски и три музички проекти, како и идеја за долгометражен филм.

* Книгата е своевиден книжевен документарец (сведоштво) за состојбата на дел од музичарите за време на пандемијата. Вие сте еден од нив. Како ги доживеавте и преживеавте пандемијата и мерките?

– Освен финансиските последици, беа откажани голем број турнеи, соработки, концерти и настани. Сите обиди на овој минијатурен, музички пазар, кој речиси и да не постои, да се префрли онлајн, завршија со неуспех. Секако дека работевме од дома на развивање на нови содржини за нашата публика. Првиот проект што го замислив во пандемиската 2020 година беше „Музичка прошетка“. Идејата е на нашата публика по првпат со целовечерни концерти да ѝ се овозможи со изведба на оригиналниот јазик, музичка прошетка низ разни земји од светот од домашни изведувачи. Почнавме со концертот „Француски шансони“, кој се одржа во рамките на „Скопско лето“ во Куршумли ан, во 2021 година, а годинава во октомври ќе следува концертот насловен како „Звуците на Бразил“. Во време на криза, пандемија и страв од што ќе донесе иднината, немаше отворање на нови работни места, сите се снаоѓаа како знаат и умеат, подигнуваа кредити и позајмуваа пари што некогаш ќе мора да ги вратат. Уште долго ќе ги чувствуваме последиците и ќе ни требаат најмалку неколку години за закрепнување.

* Во книгата се застапени портрети на 14 домашни музичари (сосе Вас), чијашто главна егзистенција се ноќните свирки и настапите во живо во локали, кои беа забранети за време на карантините и мерките за заштита за време на пандемијата. Како ја направивте селекцијата на соговорниците и како течеше процесот на интервјуирање и снимање на фотографиите?

– Идејата беше со портрети да опфатам не само џез-музичари туку и колеги кои негуваат рок, поп, блуз и други стилови на музика. Важно ми беше да бидеме застапени сите, а низ нашите биографии публиката да се запознае со нас непосредно. Преку нашите одговори на поставените прашања, пак, сакавме да дадеме краток увид во нашата состојба тогаш и на нашите надежи кон иднината. На македонската музичка сцена сум повеќе од 35 години и познавам огромен број колеги. Во неа можеа да се најдат уште многу македонски музичари, но ова се работеше во време на пандемија, а и сметам дека 14 музичари од разни музички правци и стилови е сосем доволно за да се пренесе пораката. Снимањето се одвиваше во студиото на Гоце Стевковски, го организирав така што секој музичар беше сам во студиото при фотографирање, а потоа следуваа разговорите.

* Во книгата ги претставувате преку нивни мини-биографии и интервју со три (за сите исти) прашања: зошто ја избрале музиката како професија; како ја доживуваат/преживуваат забраната за настапи во живо поради ковид-пандемијата и дали ги плаши иднината по ковидот на музички план? Кои беа најчестите одговори?

– Читајќи ги одговорите сфаќам дека сите ние сме со музиката затоа што некаква мистериозна желба ни тече низ вените за да се изразуваме музички, а поголемиот дел од нас на иднината гледаат со претпазлив ентузијазам. Кризата нѐ погоди сите до еден, некои од нас сосем се предадоа на активизам за промена на статус кво ситуацијата што ни тежеше, други се снаоѓаа и привремено работеа тоа што можеа, трети ја напуштија музиката…

* Покрај тоа што сте автор на книгата, се јавувате и како фотограф на црно-белите портрети на музичарите. Дали ова е прво ваше искуство со фотографирање? Од каде афинитетот? Од кого добивте совети и поддршка за реализација на овие фотосесии?

– Со фотографија се занимавам од поодамна. Љубовта ми се роди во Англија, кога го добив првиот фотоапарат „Пентакс асахи“, во 1989 година. Оттогаш до денес сменив многу фотокамери, но љубовта кон фотографијата ми остана. Во моментот кога замреа микрофоните, силно ми зазвучи тишината во животот на „забранетите“, а фотографијата ми се виде како најсоодветна за „заробување“ на таа тишина во фотографиите и решив да ја раскажам нашата приказна на овој начин. Главните совети ги добив од мојот драг пријател Драги Неделчевски.

* Предговорите за книгата ги напишаа еминетните музички новинари м-р Бранка Костиќ-Марковиќ и Ненад Георгиевски, како и познатиот фотограф Драги Неделчевски. Колку нивните осврти ја дообјаснија Вашата идеја за објавување на ваква книга и колку ја дораскажаа приказната за музичарите во овој тежок (историски) период на пандемија?

– За мене беше важно да ги имам видувањата на оваа тема од различни позиции на перцепција и тоа ми успеа. Тие периодот во кои бевме „забранети“ го имаат од агол на активни учесници во културното живеење во Македонија. Особено ми е драго дека прифатија да дадат свој придонес кон ова мое прво вакво издание.

* Објавувањето на книгата има солидарен аспект за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата. Со купување примерок од „Забранети луѓе“ им се помага токму ним – на забранетите луѓе. Кој сѐ го поддржа објавувањето на книгата? И каков ќе биде механизмот за поддршка и какви се плановите за нејзина продажба?

– Поддршката за реализација на оваа книга дојде од страна на многу пријатели на уметноста кои помогнаа со опрема и осветлување за фотосесиите, локација, дизајн, ПР-поддршка и финансиски средства за печатење. Средствата добиени со продажбата на книгата се директно наменети за музичарите застапени внатре. Продажбата за време на промоцијата ќе се одвива во книжарниците на „Литература.мк“, а потоа со директна продажба од страна на музичарите, директна продажба преку социјалните мрежи, за време на настапи, концерти итн.

* Повеќето во моментов се однесуваат како да е завршена пандемијата, а сепак сè уште има новозаболени и хоспитализирани. Се очекува и нов бран наесен… Дали сето ова е завршено, какви се вашите прогнози и надежи? Што би значело повторна забрана за свирење на музичарите, за вас и за музичката сцена?

– Сите ние, не само музичарите туку и буквално сите – се наоѓаме во стресна состојба заради војната, светската финансиска криза и инфлацијата. Се надевам, иако искрено сериозно се сомневам во капацитетите на македонските политичари, дека, доколку повторно дојде до тоа одредени професии да бидат забранети, ќе се најде начин како навистина да им се помогне. Забраната би била рамна на смртна казна за музичарите кои живеат исклучиво од настапи.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.