Катерина Соколова: Уште при првото читање на „Бакнежот на пролетта“ веднаш ми се родија идеи за илустрациите

„Во една земја, на крајот од последната улица на едно гратче, во една малечка куќичка под еден рид, живееше едно девојче со баба си. Откако знаеше за себе, девојчето секое утро седеше покрај прозорецот и гледаше надвор. Во дворот пред куќичката сѐ беше бело, а голите гранки на дрвјата на ридот беа клапнати под тежината на снегот, зашто надвор секогаш беше зима…“

Со овие зборови почнува новата книга за деца „Бакнежот на пролетта“, која е дел од неодамна промовираната едиција „Нови бајки од Македонија“, во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Оваа поучна, повеќеслојна приказна, чијашто авторка е писателката Елизабета Баковска, раскошно е илустрирана од младата креативка Катерина Соколова. Таа беше меѓу 61 илустратор што се пријавија на конкурсот за илустрација на четирите победнички бајки од едицијата „Нови бајки од Македонија“.

Катерина Соколова е дипломиран ликовен уметник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, катедра – сликарство. Нејзините уметнички интереси досега вклучуваат изработка на макети за сценографија, експериментален графички дизајн, уметнички книги, илустрации, инсталации, сликарски перформанси и мурали. Досега имала четири самостојни изложби, учествувала на повеќе групни и работела на уметнички колаборативни проекти. Моментално работи во модната куќа „ИНТ“ во Кочани, како графички дизајнер на модни додатоци.

Иако зад себе има илустрации на повеќе книги, сепак за Соколова ова е прво вакво искуство. Вели дека уште при првото читање на бајката „Бакнежот на пролетта“ веднаш добила идеи како да ја визуализира приказната.

– Фактот дека веднаш ми се родија идеи кажува дека ми остави силен впечаток уште при првото читање на „Бакнежот на пролетта“. Пролетта е за мене едно од најинспиративните годишни времиња, период на будење на природата, а воедно и неисцрпна ризница на бои и идеи. Првите скици што ги направив всушност се главните ликови во приказната. Соработката со авторката и тимот на издавачката куќа беше многу професионална и секој „проблем“ лесно и флексибилно се решаваше, на заемно задоволство. И слободно можам да кажам дека научив многу за тоа како се гради еден концепт за илустрирање на детска бајка. Досега и претходно имам работено на илустрации за книга, но ова ми е прво искуство од овој тип. Овој ангажман е од значајна вредност за мене и за мојот личен развој… Кога првпат ја земав в раце испечатената книга почувствував емотивна катарза! Задоволството е огромно, кога го работиш тоа што те исполнува – вели Соколова.

Катерина Соколова и писателката Елизабета Баковска

Во новата едиција „Нови бајки од Македонија“, покрај „Бакнежот на пролетта“, се и „Перуника“ од авторот Сибо, со илустрации на Јована Велинова-Трајанова, „Сончевото момче Ил“ од Катерина Данаилова, со илустрации на Орце Нинески и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова со илустрации од Иван Коминовски.

Книгите, кои објавени под „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе се достапни во „Литература.мк“, како и во сите поголеми книжарници низ државата. Достапни се и за онлајн-нарачка преку http://www.literatura.mk.

Книгата „Бакнежот на пролетта“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14914

Четворицата илустратори на побдничките бајки (лево кон десно): Иван Коминовски („Осаменото дрво“), Јована Велинова-Трајанова („Перуника“) , Орце Нинески („Сончевото момче Ил“) и Катерина Соколова („Бакнежот на пролетта“).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.