Поговор кон „Кадифената покривка“ од Оливера Николова



ПОКРИВКА ЗА ОТСКРИВАЊЕ

Оливера Ќорвезироска

Кога ќе се (ре)објави или кога ќе ви падне в раце книга од автор на чиешто творештво сериозно смета (и се потпира и се темели истовремено) современата национална книжевност повеќе од педесет години, најмалку што може да се стори е љубопитно да се пресретне: со почит и внимание, со отворено око и буден ум, со оправдана и задолжителна истражувачка и компаративна страст.  Тој и Таа (авторот и книгата) носат многу поголеми сознанија за времето и за „состојбата“ во односната книжевност на којашто ѝ припаѓаат (за сите нас – на крајот од краиштата), отколку за самите себеси.

Тој и Таа во конкретниов случај се Таа и Таа – авторката Оливера Николова и книгата „Кадифената покривка“, со поднаслов: новелети за жени убијки. Оваа циклична проза со строг, издржан и обмислен концепт се состои од 6 новелети (како што ги именува авторката) – 6 псевдобиографски, психолошко-фикциски портрети за 7 реални жени од светската и од домашната историја, но и сегашност, „прославени“ и врежани во колективната меморија како убијки: Мари-Мадлен де Бренвилие, Марта Марек, Бел Ганис, Жана Лорет, Мара Бунева и Менча Карничу, Магзин Пипо. Врамени во намерата на авторката со мало, метафорично мото пред секоја новелета одделно (пред првaта и пред последната, мотото директно, на ниво на збор, ја содржи и „покривноста“, т.е. „покривката“ од самиот наслов, кај останатите мотото е суверен прозен ткаеж во специфична релација со претстојните приказни), раскажувачките целини се суверено самостојни и можат да се читаат сосем засебно, но здружени меѓу заеднички корици (под заедничка „покривка“), тие добиваат нова, дополнителна димензија. Токму таа контролирана, a нeнарушена самостојност, е вистинското лице на прозната, жанровската и концептуалната раскажувачка слобода. Кое било од имињата – реални личности и предлошки за фикциските (но, наполно можни!) биографии, може да се најде со базично пребарување на интернет или, пак, како што нагласува авторката, во една постара „Енциклопедија на убијци“ издадена во „Детска радост“, 1998 година. Ваквата постапка е многу продуктивна, дури и честа во најразличните раскажувачки писма од нашево, но и од другите времиња и простори; легитимен авторски избор и пристап кој нуди слобода што треба да се држи со цврста творечка рака, каква што, бездруго, е раката на Оливера Николова.

Псевдоисториските писма во светската, но и во домашната книжевност, кои силно го обележаа минатиот книжевен век, но сè уште се забелeжливо присутни и во овој, најчесто и се создавани според истата реконструктивна биографско-фикциска матрица која беше и сѐ уште творечки е високо потентна.

Задачата што Оливера Николова си ја поставила себеси во „Кадифената покривка“ е да ги оживее личните приказни на убијките, да ги открие и долови мотивите на злосторствата, да ги дешифрира и да ги „реши“ според одличната, проверена и препознатлива сопствена раскажувачка формула; да ги направи разбирливи, да ги донесе блиску пред нас, да ни ги послужи на подавалникот на можното, да ги вгнезди во едно обично секојдневие, во една обична стварност каква што е оваа околу нас. Суштината и ставот на ова раскажување напати се дури и застрашувачки: не постои инцидентно злосторство – постои само постојан ризик од неконтролиран раст и развој на незадоволството до џиновските размери на злосторството. Само едно зрнце незадоволство или лична болка на „соодветна“ почва може да про’рти во застрашувачка шума на престапи и злосторства… А зрнцата се сегде околу нас, почвите – исто така…

Раскажувањето на Оливера Николова е стандардно, значи одлично. Истовремено е толку старомодно и толку модерно. Во него наративните постапки и стратегии на микро ниво (на ниво на реченица) и на макро (на ниво на новелета, книга) толку суптилно се повторуваат и трајно го утврдуваат нејзиниот препознатлив стил во современата македонска книжевност.

Функцијата на повторливост напати им се доверува на умешно одбраните вербални фрази (кои се многу, многу над тоа да бидат само фрази!), од типот на: „каримара-каримари“ (15 пати), „сакала-нејќела“ (11 пати) и „сите мажи се како мали деца“ (5 пати) употребени во новелетата за Бел Ганис; „несреќо, помести се“ (11 пати употребена во новелетета за Мара Бунева), дури и едно обично „значи“ повторувано и повторувано недоброј пати, а секогаш во совршен ритам, во последната новелета за Магзин Пипо, која не е „извлечена“ од спомнатата енциклопедија, но, фактите „извлекувани“ од други извори, творечки се обработени на ист начин… Сета оваа наративна игра функционира како беспрекорно пловна проза која речиси волшебно ве пренесува од еден до друг брег, од еден до друг почеток и крај. Чиста раскажувачка мајсторија. Краевите, генерално на сите одделни новелети, се како примери од некој учебник како се стивнува раскажувањето во навидум тривијална точка од приказната, а всушност – последниот издив на раскажувањето доаѓа од сосем другиот крај на перницата на којашто спие очекувањето. Само како подвлекување на кажаното, последната новелета во книгата, наспроти застрашувачкото убиство на сопствените деца на „терористката“ Магзин и нејзиното самоубиство низ истиот прозорец, завршува со цреповите со цвеќиња кои исто така „испопаѓале по неа“, повлечени од повевот што сите ги повлекол во неврат. И „(еден) цвет не беше смачкан. Мирисаше и ја ширеше миризбата“. За да завршите дури и псевдобиографија на озглогласена, монструозна убијка со цвет кој уште и мириса, мора да знаете беспрекорно да раскажувате. Како Оливера Николова.

Новелетата за Мара Бунева и Менча Карничу веројатно е она што најмногу ќе ве сепне во оваа книга, но само во вонлитерарна смисла. Мара Бунева го убила Велимир Прелиќ во Скопје 1928, а веднаш потоа се убила и себеси, а Менча Карничу или Крничева, сопругата на Ванчо Михајлов, три години порано, во Виена 1925, го убила Тодор Паница и наспроти туберкулозата од која боледувала во младоста, живеела до 1964 година. Во литерарна смисла, новелетата за овие две контроверзни историски личности, одлично се вклопува и целосно ѝ припаѓа на книгава, и според концептот и според раскажувањето. Напишана доста жестоко, иако прецизно нанишанета во психологијата и во пронаоѓањето на суштинскиот мотив за постапките/убиствата (како и другите новелети), таа, во никој случај, нема да ве сепне во книжевна смисла.

Ако воопшто е потребна каква било „дефиниција“ за Оливера Николова, најзначајната писателка во нашата книжевност, таа приближно би звучела вака: Ангажирано високопрофесионално и високоталентирано повеќедецениско прозно истражување на Непознатото со цел да се открие лек за болното Познато. „Кадифената покривка“ е само уште еден наслов, уште една книга-алка на синџирчето на вратот на современата македонска книжевност која го продолжува, но и го разубавува, разблескувајќи го.

„Кадифената покривка“ со поговор од Оливера Ќорвезироска е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата „Лева комора; Кадифената покривка“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14891

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.