Едицијата „Нови бајки од Македонија“ ја збогатува литературата за деца со четири нови сликовници од домашни автори

Четирите бајки „Бакнежот на пролетта“, „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“ се дел од новата едиција „Нови бајки од Македонија“, кои деновиве излегоа од печат во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Бајките што се дел од оваа едиција се напишани од современи млади автори кои имаа можност да ги пријават своите дела на отворениот конкурс што го распишаа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Веднаш по изборот на бајките беше распишан и отворен повик за дизајнери-илустратори кои ги работеа визуелните прикази на бајките, давајќи им целосно свеж и оригинален печат.

Бајката „Перуника“ ја напиша авторот Сибо, а илустрацијата ја изработи Јована Велинова-Трајанова. Елизабета Баковска е автор на бајката „Бакнежот на пролетта“, а илустрацијата е на Катерина Соколова. Бајката за „Сончевото момче Ил“ е дело на авторката Катерина Данаилова, а илустрацијата е на Орце Нинески и „Осаменото дрво“ е од авторката Нина Максимова, а илустрацијата ја изработи Иван Коминовски. Книгите, кои објавени под „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе се достапни во „Литература.мк“, како и во сите поголеми книжарници низ државата. Достапни се и за онлајн-нарачка преку www.literatura.mk.

Во продолжение се кратките содржини на четирите сликовници:

„Бакнежот на пролетта“ од Елизабета Баковска, илустрации: Катерина Соколова

Во една земја, на крајот од последната улица на едно гратче, во една малечка куќичка под еден рид, живееше едно девојче со баба си. Откако знаеше за себе, девојчето секое утро седеше покрај прозорецот и гледаше надвор. Во дворот пред куќичката сѐ беше бело, а голите гранки на дрвјата на ридот беа клапнати под тежината на снегот, зашто надвор секогаш беше зима.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14914

„Перуника“ од Сибо, илустрации: Јована Велинова-Трајанова

Пред многу време, уште пред да постојат луѓето и животните, со земјата владееле само растенија и цвеќиња, сите во посебни кралства. Едно од нив било на кралот Златен Крин. Се простирало на полуостров веднаш до Средоземното Море. Во изобилство имало бистра вода за пиење, што течела од околните извори и поточиња; голема и силна војска од јорговани, зимите биле благи, а летата свежи и тоа ѝ давало плодност на земјата. Можело да се види до каде се границите, поради нијансите на виолетовата боја.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14916

„Сончевото момче Ил“ од Катерина Данаилова, илустрации: Орце Нинески

Долгобрадиот старец Арно, секое утро низ прозорецот на својата мала колиби ги набљудуваше бескрајните полиња насадени со сончогледи. Им се восхитуваше на убавината и секогаш помислуваше дека тие се златен килим што природата го ткаеше со семките што тој секоја пролет како сончева прашина ги расфрлаше со помош на ветерот.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14917

„Осаменото дрво“ од Нина Максимова, илустрации: Иван Коминовски

Еднаш, многу, многу одамна, пред милиони, милиони години, кога се создавал светот, кога се појавиле првата светлина и првиот зрак, кога се создале сите планети, комети, големи и мали ѕвезди и соѕвездија, на една малечка планета никнало едно дрво. Тоа дрво било толку големо што ја зафаќало целата планета.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14915

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.