Марко Виденовиќ: Секој стих од „До сто и една и назад“ е дел од мојата душа

Со интерпретација на стиховите, во придружба на музичка изведба во живо, вчеравечер (12 мај), во „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“ се одржа промоција на книгата „До сто и една и назад“ од музичарот и поет Марко Виденовиќ. На настанот учествуваа познати музички имиња: Анна Кондратенко (виолина), Владимир Костов (виолина), Паскал Краповски (виолончело) и Ива Виденовиќ (пијано). Промоцијата почна со настап на синот на авторот – Милан, кој во придружба на пијано ја рецитираше песната именувана по него, а во продолжение и внука на Виденовиќ, Каја, ги прочита стиховите посветени на неа.

Во ист такт со виолината и клавирот, актерката Драгана Левенска ја изведе „Понекогаш на тебе помислувам“. Следуваа оперскиот пејач Игор Дурловски, кој ја читаше „Убав човек“ (во придружба на виолончело и клавир) и Часлав Митрички, кој ја интерпретираше „Аполон“ (придружуван од обоа и клавир). На крајот, повторно настапи Левенска, која во придружба на виолина и клавир ја прочита „Лечебна“.

Промоторка на книгата, која е во издание на „Попули“, беше уредничката Татјана Димовска-Атанасова, која истакна дека „стиховите во збирката поезија ’До сто и една и назад‘, која е во издание на ’Попули‘, пулсираат од љубов. Авторот ги слави женската убавина и страстите со искрена и доживеана вдахновеност, копнежливост и восхит, онака без воздржување или навестување. Повремено, радоста ја поматуваат трепетот и стравот поради минливоста на животот, краткоста на времето, но секогаш како контрапункт тука е вечната љубов, онаа што трае до сто и една и назад“.

Виденовиќ, кој покрај својата богата музичка кариера и настапите во Македонската филхармонија, изминативе неколку години е популарен и како поет. Преку својот профил на „Фејсбук“ често споделува стихови, а селекција од нив се најде во „До сто и една и назад“. Повеќето од песни се создадени во изминативе две години, но има песни што се напишани и пред тоа.

– Секоја од овие сто и една песна се дел од мојата душа, поточно, мојата душа е во секоја од овие песни. Некако природно се споени во една целина, односно да се прелеваат една во друга и на тој начин можат да се доживеат како една песна. Тука има љубов за многу души, за мојата сопруга, мојот син, моите родители, мојата сестра, внуки, внуци, нивните мајки и татковци, баби и дедовци, има љубов за моите пријатели, за моите две татковини – Македонија и Србија. Буквално има љубов за секого, а бидејќи јас стојам на тоа, дека сите ние, луѓето, сме исти или многу слични, со тоа што кај некои љубовта сјае, а кај некои спие, значи дека сите сме една целина какви се и песните што сум ги напишал… „Да не се родев, не ќе знаев што е љубов. Да не љубев, не ќе знаев што е живот“, ова е пораката што јас ја разбрав, а пред неа, јас умирав… Исто така, овие песни се посветени и на оние што не ги познавам лично, а сепак читајќи ги, ќе се пронајдат во нив – изјави Марко Виденовиќ.

Тој секојдневно објавува стихови на социјалните мрежи: Вели дека така остварува директен контакт со своите читатели. Од нов добива пофалби, критики, но и конструктивни сугестии и коментари.

– Морам да признам дека објавите на социјалните мрежи ми се огромна сатисфакција во моето пишување. Од друга страна, јас сум тип на човек кој не сака електронски книги, мене ми е битен физичкиот допир со книгата, како и нејзиниот мирис. Сепак, секојдневното објавување песни, интеракцијата со читателите, како и нивните реакции на песните се од голема полза и тоа е нешто што веднаш не би можел да го знае авторот доколку не е активен на социјалните мрежи. На пример, во една ситуација добив коментар од една моја читателка дека сум ги изгубил позитивните песни и мисли. Таа изрази жалење дека со моите тогашни песни ја загубила и последната надеж што сум ѝ ја давал додека ме читала. Се разбира дека тоа навистина ме погоди и, навраќајќи се наназад и читајќи ги песните што сум ги објавувал, забележав дека сум почнал да мрачам. Решението беше едноставно, беше потребно само да ја разбудам љубовта. Инспирација да се пишува за љубовта има буквално насекаде. Неа можев да ја најдам од моето семејство, природата, па дури и од туѓи искуства во секојдневието, дали тоа било гледајќи некој пар низ улиците како се прегрнува или читајќи најобичен статус на социјалните мрежи. Тогаш си зададов цел да посакам секому љубов „До сто и една и назад“, а со љубовта неизбежни се вербата и надежта – изјави тој.

На крајот, прави паралела со двете негови пасии – музиката и поезијата, велејќи дека овие две уметности се испреплетуваат во неговиот живот.

– Музиката и поезијата се типичен пример за симбиоза. Зад секоја безвременска композиција мора да постои иста таква песна и обратно. Музиката го движи животот, а поезијата го испишува, доколку кое било од овие две не постои во некој живот, тогаш тоа значи дека тој живот веќе згаснал. Како растеме и созреваме, во зависност од тоа како созреваме духовно, таква поезија читаме и таква музика слушаме, така што таа поврзаност е нераскинлива- рече Виденовиќ..

Стихозбирката „До сто и една и назад“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14843

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.