Златко Василкоски: Во „Мултиверзум за почетници“ на македонските читатели им нудам одговор на најголемите мистерии во науката денес

Првата популарна книга за космологија, астрономија и космогонија напишана на македонски јазик, „Мултиверзум за почетници“ од Златко Василкоски беше промовирана на 7 мај (сабота), на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, за време на Саемот на книгата 2022.

Кон книгата, покрај промоторот и уредник на книгата – Филип Видиновски, се осврнаа и проф. д-р Мимоза Ристова, која укажа на научниот аспект значењето на авторот и делото и д-р Илина Јакимовска – која зборуваше за книжевниот аспект на ова дело, од агол на пошироката читателска публика.

Уредникот Видиновски вели дека во оваа книга од „прва рака“ добиваме одговор за многу интересни прашања: Како математиката нужно води кон противречности? Каде универзумот е „згрутчен“, а каде „мазен“? Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? Како го знаеме она што го знаеме за вселената? Како Галилеј се сетил на релативноста векови пред Ајнштајн? Што е вакуумот, според квантната теорија на поле? Каква е врската помеѓу бурекот и Зеноновите парадокси? Зошто фундаменталните природни закони се онакви какви што се? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? Кои се најновите достигнувања во областа на истражувањето на вселената?

Оваа книга, покрај тоа што е напишана на разбирлив јазик и неоптоварена со несовршеностите на преводот, е и исклучително актуелна, опфаќајќи и научни сознанија до кои е дојдено во 2021 година.

Мимоза Ристова, која е професорка по физика на Универзитетот во Скопје и соработничка во ЦЕРН, Женева, откри дека Василкоски е нејзин другар и колега од студиите по физика во Скопје.

– Авторот на ова совршена книга, која треба да векува, не е обичен космолог, туку тој е сопруг на жена-космолог. За мене, тој е зограф и темплар од Велес, кој го стегна знаењето за постењето на целата наша цивилизација и внимателно го сложи, здиплено во една малечка „црна дупка“. За нам да ни го подари во форма на ова извонредно длабоко четиво. Според мене, оваа книга треба да се прераскаже на 11.000 глинени плочки за да го зачува нашето досегашно знаење додека постои течењето на времето, а и потоа, кога ќе влеземе во безвременската зона – вели проф. д-р Ристова.

Авторот Златко Василкоски е горд велешанец кој на своите студенти во Харвард и на колегите ширум светот со љубов им раскажува за својата Македонија и за својот Велес. Повеќе од 30 години живее и работи во Бостон, САД, а деновиве е на краток престој на Македонија.

– Во САД последниве 30 години постои голем интерес за ваква популарна наука. Книгата ја создадов со цел на македонските читатели да им дадам прегледен научен одговор на најголемите неодговорени мистерии во науката денес. Притоа, тоа да биде на јазик разбирлив за пошироката публика. Јас сум теоретски физичар, а мојот интерес за космологијата, особено за постоењето на други универзуми освен нашиот, се разви од предавањата на професорот Александар Виленкин, кој беше првиот космолог кој во деведесеттите години на научна основа во науката ја воведе идејата за постоење на други универзуми покрај нашиот. Сите ние сме заинтересирани за фундаменталните прашања не само во физиката туку и во целата наука. Фактите што можеме да ги прочитаме на достапната литература и на интернет сами по себе не значат ништо доколку не се формира правилен начин на размислување и нивно толкување – вели авторот Василкоски.

Негово мислење е дека постои мултиверзум, но во поразлична форма од таа за која претпоставува науката.

– Прашањата поврзани со идеите за мултиверзумот би можеле да бидат одговорени со директни космолошки набљудувања во блиска иднина. Основното прашање за тестирање на тоа која од нив е исправна ќе зависи од тоа кои закони на природата се навистина универзални. Заедничкото за сите овие теории е поврзано со фундаменталниот начин на којшто ја разбираме природата на просторот. Ова би требало да го сториме на Планктовата скала, која е неверојатно помала од атомите и е многу далеку од директните експериментални набљудувања што би можеле да ги направиме. Ова е навистина многу сложена задача. Некои сметаат дека ова сознание е надвор од доменот на способностите на човековиот мозок. Секако, оваа можност не треба да се исклучи, но мислам дека ќе помине долго време додека не бидеме сигурни во кој било од заклучоците за мултиверзумот… Нашиот универзум содржи многу простор и има многу малку состојки… Останува уште многу време за да се види какви многу нови работи ќе се појавуваат и ќе се случат во овој наш универзум. Нашата иднина се протега пред нас многу подалеку отколку минатото зад нас – објаснува Василкоски, кој живее и работи во Бостон, каде што ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата „ЕБСКО индустрис“ (EBSCO Industries, Inc.), а на Универзитетот во Бостон предава анализа на податоци со вештачка интелигенција.

По завршување на постдипломските и докторските студии на МИТ, Харвард и Нортистерн, се вработил во приватниот сектор. Неговото универзитетско професорско искуство опфаќа предавања на повеќе престижни универзитети, како „Тафтс“, МИТ, „Сафолк“ и „Бентли“. Слободното време го поминува во играње шах, скијање и веслање на реката Чарлс, во Бостон. Покрај тоа што предава на најпрестижните универзитети во светот, тој е на „ти“ со врвните светски авторитети од областа на природните науки. За фасцинантните вселенски теми авторот е во непосреден контакт со изворите на знаењата со кои може да се пофали современото човештво.

Мартин Карплус, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2013 година, за книгата на Златко ќе каже: „Ме воодушеви големата сеопфатност на книгата. Почнувајќи со потеклото на нашиот универзум, проследено со создавање на животот на Земјата, човековата цивилизација, па сè до денешната наука и идејата за мултиверзумот. Уште поважно е што овие идеи се многу јасно изложени, што ги прави достапни за читателите кои имаат само минимално разбирање на денешната физика“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14846

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.