Ване Костуранов и Ана Торма: „Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне

Сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“ порачува дека сè е менливо и во постојано движење, па дури и кога тоа не е видливо

Со нетрпение очекуваната сликовница „Рекичето што сакаше да порасне“ на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, која е со текст на Ана Торма, ќе биде промовирана вечерва (шести мај) во 19 часот, на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, за време на Саемот на книгата.

Промоторка на книгата, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.

„Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст Ана Торма прави симпатична, симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата…) се еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус.

Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс Ламина“, по „Ѕвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021). Воедно, ова е прво вакво авторско искуство на Ана Торма, која потекнува од Србија, а живее во Шпанија и се занимава со застапување автори на интернационалниот книжевен пазар.

Во очекување на промоцијата на „Рекичето што сакаше да порасне“ поразговаравме со авторскиот тандем.

Ване Костуранов

* Уште од првата средба со сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“ се забележува оригинален пристап – со своето вертикално отворање оддолу нагоре (наместо вообичаеното хоризонтално оддесно налево) и самата потсетува на река, создаваат една топла приказна што потекува низ детскиот свет првин тивко како поточе, потоа сè пожуборливо како планинска река. Какво е течението на приказната на „Рекичето што сакаше да порасне“?

Ана: Го знаете чувството кога се грижите за нешто што уште не се ни случило? „Рекичето што сакаше да порасне“ е приказна за препреките што изгледаат невозможни и за нивното совладување. Една рекиче, кое уште не станало река, оваа пролет по првпат ќе потече потполно само. За среќа, околу него има заедница која е негова постојана поддршка.

* „Рекичето што сакаше да порасне“ е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Како почна да тече оваа приказна, што ви беше инспирација?

Ана: Во текот на пандемијата на социјалните мрежи видов фотографија и краток текст на еден мој пријател, кој зборуваше за реката од неговиот крај, неговото доживување и трансформацијата на реката низ годините. Тој се менувал низ годините, но и реката… или можеби не? Голема љубителка сум на реки. Пораснав на Дунав и сето тоа заедно направи да се замислам и со тоа тргна приказната.

Ана Торма

* Како настана и како се одвиваше вашата соработка, со оглед на тоа што Ана живее и работи во Шпанија? Со какви предизвици се соочувавте?

Ване: Јас и Ана работиме заедно веќе неколку години и имаме прекрасна соработка што е изградена на заемна почит и доверба, па можам да кажам дека далечината воопшто не беше проблем. Ана одлично си го сработи својот дел, ми прати инспиративен текст и ми остави доволно простор да ја дораскажам приказната преку илустрациите.

Ана: Уште од почетокот на нашата соработка, која е поврзана генерално со сликовници, Ване и јас се разбираме одлично и тоа се одрази и на овој вид соработка. Иако донекаде имав потреба да му кажам што сум замислила како илустрација додека ја пишував приказната, знаев дека тој секако ќе ја направи неговата магија. Така и бидна!

* Во приказната правите симболична „замена“ на дете со рекиче и на мајка со река. Колку оваа нарација беше тешка или едноставна за илустрирање? Дали во процесот на креирање на сликовницата течението на текстот и илустрациите се во иста насока или се дополнуваат или дораскажуваат?

Ване: Беше тешко да се замисли и да се претстави реката како главен лик во приказната, затоа што реката е во постојано движење и постојано се трансформира. Важно беше да се долови севкупното чувство што се провлекува во книгата, дека, освен водата, која постојано ги менува облиците, всушност сè што е живо е во постојан процес на менување. Најчесто, текстовите што се голем предизвик за илустрирање се и дополнително инспиративни, бараат поголема посветеност, но нудат поголема уметничка слобода и креативност.

* Книгите за деца обично носат некоја значајна порака. Кој е заклучокот или поуката на оваа приказна?

Ване: Убавината на оваа книга е тоа што таа е повеќеслојна и има неколку важни пораки – дека сè е менливо и во постојано движење, па дури и кога тоа не е видливо, растењето на секое живо суштество и животниот циклус од раѓање – до смрт, надминувањето на нашите најголеми стравови со поддршката од нашите најблиски, како и едукативниот момент со водниот циклус во природата.

* Ване, ова е ваша петта сликовница во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, по „Ѕвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021). Во кој сегмент ја задржувате својата автентичност, а во што оваа сликовница е нова и уникатна?

Ване: Најтешкиот дел од работата на кој било илустратор и уметник е да успее да изгради препознатлив уметнички израз, да остане автентичен на неговата работа, а притоа да не се повторува… знам, звучи парадоксално, но секоја нова книга и секој нов проект на кој работам е нова креативна битка со себеси. Илустрациите за оваа сликовница се цртани на хартија и би рекол дека се најблиску до моето сликарство, а повеќето од нив би функционирале и посебно како слики.

* Вашите книги веќе доживеаја превод на повеќе регионални и светски јазици. Од какво значење за вас, како автор, е пробивањето на вашите изданија надвор од нашата земја? Какви се плановите за „Рекичето што сакаше да порасне“?

Ана: Имаме големи планови за „Рекичето…“, како и за сите други книги од Ване! Книгата излезе од печат токму навреме за да стигне на Меѓународниот саем за литература за деца во Болоња, така што веќе имаше можност да биде претставена на издавачи од целиот свет. Верувам дека децата, а и возрасните, без разлика на границите, ќе го препознаат квалитетот на оваа книга, нејзината повеќеслојна приказна и живописните илустрации.

Ване: Убаво е чувството кога вашата уметност излегува надвор од рамките на матичната земја, тоа, пред сè, е потврда за квалитетот на вашата работа. Верувам дека „Рекичето…“ ќе ги пробие границите на нашата држава и ќе потече како река низ повеќе предели во светот и ќе си го пронајде својот пат.

Сликовницата е достапна во „Литература.мк” и во сите поголеми книжарници, како и онлајн, преку http://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14873

Книгата е  застапена и на штандот на „Арс Ламина” и „Литература.мк” за време на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски”, Скопје, до деветти мај.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.