Магде Ангова: „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ им порачува на децата да бидат љубопитни за нови знаења

Разиграната илустрирана книга за деца, која ги актуализира и осовременува гатанките за новите генерации, „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од младата авторка Магде Ангова, беше промовирана во петокот (8 април), во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатена со илустрации од Елена Давчева-Стојановска.

Промоторката на изданието, уредничката Оливера Ќорвезироска, истакна дека „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е игрива, тематска збирка што ги оживува и осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија. Со досетлив, лирски избор на заглавните зборови – решенија на гатанките, и со опуштен, врзан стих со рима, Магде Ангова создала интересен поетски свет за видливите и невидливите нешта што децата треба само да ги препознаат или допрва да ги научат. Забавата и знаењето во оваа збирка се фатени рака за рака.

Ангова почнала да смислува гатанки за да ја анимира својата ќерка за време на карантинот, а инспирацијата за својата прва книга ја добила навраќајќи се кон гатанките од Видое Подгорец.

– Идејата за книгата настана сосема спонтано. Бев во Дојран кај моите родители на гости и во семејната библиотека ја најдов книгата со гатанки „Сто сонца“ од Видое Подгорец, која што ја добив кога бев прво одделение. Веќе беше почнат карантинот и бев ослободена од работни обврски за да се грижам за мојата, тогаш петгодишна, ќерка. Знаев дека тоа ќе биде долг, неизвесен период полн со предизвици. Затоа решив да создадам нешто оригинално, нешто како гатанките на Видое Подгорец. Искрено, кога ги создавав гатанките одев, размислував, зборував и сонував во рима. Досега се покажа дека книгата е популарна кај децата, ја сакаат, ги читаат гатанките и најчесто ми даваат сугестии да напишам гатанка за нешто што не е споменато во „Гатанки за сè и сешто и за уште нешто“ – изјави таа.

Книгата на забавен и интересен начин го отсликува светот околу нас. Многу предмети, животни, растенија и личности кои нѐ опкружуваат и се среќаваме со нив во секојдневниот живот се прикажани, опеани со необична и игрива рима. Со „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ децата ќе се забавуваат, ќе научат многу интересни работи за светот што ги опкружува, а родителите, читајќи им ја книгата, ќе поминат квалитетно време со своите најмили.

– Инспирација наоѓам во природата, природните појави, секојдневието. Кога ја пишував книгата се случуваше цел ден да мислам на една гатанка и да барам совршена рима за неа. Во мислите создавав стихови, ги римував и практично така настана целата книга. Главната порака на делото е – деца бидете љубопитни за нови знаења, родители – поттикнете ги децата да бидат љубопитни. Светот со сите свои мани, недостатоци неправди и лудости што му се случуваат, сепак е едно игриво и прекрасно место за живеење и творење. Треба само да ги прошириме видиците и да ѝ дадеме шанса на фантазијата, да сонуваме за големи нешта, а во меѓувреме да им се радуваме и на најмалите работи. Првенствено, книгата е наменета за деца, а мислам дека возрасните, читајќи ја, ќе се потсетат на детството, на наивноста, на оние мали слатки заборавени нешта – вели таа.

Посебен шарм на промоцијата даде шестгодишната ќерка на авторката, Илина, која интерпретираше дел од гатанките.

– Првиот филтер за гатанките беше ќерка ми и на почетокот книгата имаше наслов „Гатанки пишувани со (м)Илина“. Верувајте ми, проверено е, децата се најискрената, но и најстрога публика. Кај нив нема заобиколување, ако нешто не им се допаѓа веднаш го пренасочуваат вниманието и со тоа знаете дека напишаното нема да помине кај нив… Децата се непресушен извор на инспирација. Ќе продолжам да творам на создавање литература за деца, затоа што сметам дека во Македонија навистина има потреба од тоа – вели Ангова.

Магде Ангова e родена во 1987 година. Живее во Гевгелија, а работи во Општина Дојран како личност за односи со јавноста. Таа е магистер по медиуми и комуникации, а во моментов ја завршува и магистратурата по психологија. „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е нејзина прва книга.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14832

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.