Авторката Марија Костадиновска сподели волшебни прегратки и вистински приказни со учениците од ОУ „Мирче Ацев“ – Скопје

Како се родија приказните во книгите „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“? Како изгледаат волшебни прегратки и како настануваат? Како се станува дете-крал/кралица? Која е пораката на двете книги?… Ова се само дел од прашањата на коишто авторката Марија Костадиновска одговараше на креативната дружба со учениците од трето одделение во ОУ „Мирче Ацев“ – Скопје. На оваа весела и топла средба авторката читаше делови од книгите и им објаснуваше како се станува писател, како ја добива инспирацијата за пишување и како настануваат книгите?

– Со овие прекрасни, умни дечиња зборувавме за приказните, заеднички си поставуваме прашања и споделувавме фантастични идеи. Научив премногу од тие прекрасни дечиња. На мојата среќа ѝ нема крај – вели Костадиновска, чиишто книги во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беа промовирани неодамна во „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“.

Авторката веќе закажа нова средба со своите млади читатели. Имено, на 9 април (сабота), од 11 до 12 часот, во „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“ ќе одржи работилница и потпишување на книгите „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“.

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ воопшто не е обична приказна, а е вистинска. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица. И за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна во двете вистински кралства, како во сите други приказни. Туку, сега, вистински се случува. Хана и Фран (главните ликови), иако ги имаат своите кралства, тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и трајно. За да ги вратат изгубените кралства ќе мораат да се потрудат. Насоките се јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Дополнителната живост на оваа приказна ја даваат живописните илустрации од илустраторката Александра Филипоска.

„Волшебните прегратки“ е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. За бујната фантазија и остриот ум на детето. „Волшебните прегратки“ е навидум една наивна приказна за деца, но всушност е лекција, со длабоки пораки и за децата и за возрасните. Четиво блиско до денешното живеење. Во преден план го има ова ново, брзо, толку среќно и модерно време, а истовремено толку мрачно и тажно. Сѐ се случува во градот на прегратките и милоста, но и во Вистинија, во приказот на чистата реалност. Илустрациите во овој мини-роман се од илустраторката Иванка НиБа.

Марија Костадиновска е родена на 6.3.1990 година во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонски и јужнословенски книжевности. Со пишување почнува во студентските денови, а во последните неколку години пишува книжевност за деца. Костадиновска е професионален едриличар и говори англиски, шпански и грчки јазик, а во изминатите години живеела во Шпанија, Италија и на Флорида.

Двете книги, „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, се достапни во сите книжарници „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk.

„Волшебните прегратки“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14686

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14443

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.