Магде Ангова: Додека ја пишував книгата „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ размислував, зборував и сонував во рима

Со досетлив, лирски избор на зборови – решенија на гатанките, и со опуштен, врзан стих со рима, младата авторка Магде Ангова ја создала својата прва книга за деца „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во книгата на умешен начин ги оживува и ги осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија. Авторката создала интересен поетски свет за видливите и невидливите нешта што децата треба само да ги препознаат или допрва да ги научат. Всушност, забавата и знаењето во оваа збирка се фатени рака за рака.

Изданието „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“, кое е збогатено со илустрации од Елена Давчева-Стојановска, ќе биде промовирано на 8 април (петок), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а пред присутните гатанките ќе ги интерпретира шестгодишната ќерка на Ангова, Илина.

Магде Ангова е родена во 1987 година. Живее во Гевгелија, а работи во Општина Дојран како личност за односи со јавноста. Таа е магистер по медиуми и комуникации, а во моментов ја завршува и магистратурата по психологија. „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е нејзина прва книга. По повод промоцијата разговаравме со Ангова.

* На разигран и современ начин во своето дело „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ ги актуализирате гатанките за новите генерации. Што Ве мотивира да ја напишете книгата и да се навратите на овој специфичен, но значаен жанр, во едукација на децата?

– Идејата за книгата настана сосема спонтано. Бев во Дојран кај моите родители на гости и во семејната библиотека ја најдов книгата со гатанки „Сто сонца“ од Видое Подгорец. Веќе беше почнат карантинот и бев ослободена од работни обврски за да се грижам за мојата, тогаш петгодишна ќерка. Знаев дека тоа ќе биде долг, неизвесен период полн со предизвици. Затоа решив да создадам нешто оригинално, нешто како гатанките на Видое Подгорец. Искрено, кога ги создавав гатанките одев, размислував, зборував и сонував во рима. Досега се покажа дека книгата е популарна кај децата, ја сакаат, ги читаат гатанките и најчесто ми даваат сугестии да напишам гатанка за нешто што не е споменато во „Гатанки за сè и сешто и за уште нешто“. Книгата на забавен и интересен начин го отсликува светот околу нас. Многу предмети, животни, растенија и личности кои нè опкружуваат и се среќаваме со нив во секојдневниот живот се прикажани, опеани со необична и игрива рима. Со „Гатанки за сè и сешто и за уште нешто“ децата ќе се забавуваат, ќе научат многу интересни работи за светот што ги опкружува, а родителите, читајќи им ја книгата, ќе поминат квалитетно време со своите најмили.

* Што Ве инспирира за создавање на гатанките и која е главната порака што сакате да ја пренесете преку книгата?

– Инспирација наоѓам во природата, природните појави, секојдневието. Кога ја пишував книгата се случуваше цел ден да мислам на една гатанка и да барам совршена рима за неа. Во мислите создавав стихови, ги римував и практично така настана целата книга. Главната порака на делото е – деца бидете љубопитни, родители – поттикнете ги децата да бидат љубопитни. Светот со сите свои мани, недостатоци неправди и лудости кои му се случуваат, сепак е едно игриво и прекрасно место за живеење и творење. Треба само да ги прошириме видиците и да ѝ дадеме шанса на фантазијата, да сонуваме за големи нешта, а во меѓувреме да им се радуваме и на најмалите работи. На утринската роса, на бубамарите, пеперутките, на сонцето и навидум секојдневието, само навидум обичниот ден. Светот ќе биде во онаа боја во која самите ние ќе го обоиме. Децата уште не знаат дека четките и боите се во нивни раце, па затоа да им ги подадеме светлите бои и да ги мотивираме да гледаат на животот од онаа порозовата, поубавата страна. Првенствено, книгата е наменета за деца, а мислам дека возрасните, читајќи ја, ќе се потсетат на детството, на наивноста, на оние мали слатки заборавени нешта.

* Кому му го доверивте првото читање на книгата? Како ги прифати гатанките Вашата ќерка?

– Првиот филтер за гатанките беше ќерка ми и на почетокот книгата имаше наслов „Гатанки пишувани со (м)Илина“. Верувајте ми, проверено е, децата се најискрената, но и најстрога публика. Кај нив нема заобиколување, ако нешто не им се допаѓа веднаш го пренасочуваат вниманието и со тоа знаете дека напишаното нема да помине кај нив. Тие не се оптоваруваат дека можеби ќе ви ги повредат чувствата ако се искрени и кажат дека не им се допаѓа нешто. Нема ласкање и расфрлање со комплименти. Постои само заинтересираност или игнорирање… Децата се непресушен извор на инспирација. Ќе продолжам да творам на создавање литература за деца, затоа што сметам дека во Македонија навистина има потреба од тоа.

* Како се разви љубовта кон пишувањето и кон творењето за деца? Дали пишувате нешто ново во моментов?

– Пишувам уште од детството. Голем љубител сум на планери, дневници, нотеси. Запишувам секогаш и секаде. Обожувам афоризми и мудри мисли. Имам мудра мисла и изрека за секоја ситуација. А, гатанките настанаа спонтано, да не излезеа во форма на гатанки секако ќе беа објавени како песнички за деца, но мислам дека вакви какви што се – во форма на гатанки, се вистински погодок. „Гатанки за сè и сешто и за уште нешто“ е моја прва книга. Нешто невидливо постојано ме влече кон работа со деца и за деца, многу години работев во образовната програма на МТВ, потоа и магистратурата ми беше посветена на децата во медиумите. Веројатно е запишано таму некаде во ѕвездите дека што и да работам и каде и да работам тоа ќе биде нешто што е поврзано со најмалите. Во моментов работам и на втората книга за деца – басни. Во неа преку конверзацијата на животните, децата ќе научат важни животни лекции.

* Кои се најзначајните моменти од Вашата образовна и професионална биографија?

– Моментално работам во Општина Дојран како лице за односи со јавноста. Координатор сум и на еднакви можности помеѓу жените и мажите и таму работам на добросостојбата на децата. Во моментов организирам работилници со тим од стручни лица, педагог, психолог и социјален работник и зборуваме за булингот, односно врсничкото насилство во училиштата. Ја подигаме свесноста кај учениците и наставниците за овој проблем, работиме на тоа булингот да биде навремено препознаен и спречен, затоа што траумите од врсничкото насилство се провлекуваат низ целиот живот. Книгата со гатанки е моја прва книга, а освен неа објавена ми е и магистратурата на тема – „Етичката култура на дневните печатени медиуми во Република Македонија за настани за семејно насилство врз децата“. Како што реков, запишано е некаде дека мојот ангажман постојано директно или индиректно ќе биде поврзан со децата и нивната севкупна добросостојба.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14832

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.