„Арс Ламина“ ќе промовира десет тома од творештвото за возрасни на Оливера Николова

На 30 март (среда), со почеток во 19 часот, во фоајето на Националната опера и балет, ќе се одржи промоцијата на десет тома со 12 книги за возрасни на познатата писателка Оливера Николова.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, го реобјавува целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата!

Станува збор за книгите: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

На промоцијата ќе се обратат авторите на поговорите, а модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска, која е уредничка на едицијата.

„Куклите на Росица“ (поговор: Елизабета Баковска)

„Куклите на Росица“ е еден од ретките македонски национално-историографски романи напишани од жена. Наспроти Оливера Николова, за ваквите (речиси романтичарски) национално-историски теми има пишувано цела една плејада македонските класици, како Петре М. Андреевски, Коле Чашуле, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев… „Куклите на Росица“е комплексен приказ на бурни и често сè уште недоволно разјаснети (или постојано проблематизирани) случувања поврзани со создавањето на македонскиот национален идентитет.

„Тесна врата“ (поговор: Кица Колбе)

Оливера Николова во својот прв роман за возрасни „Тесна врата“ ја раскажува сложената приказна за загадочното исчезнување на Петра со многу акрибија, луцидност и писателска ревност, небаре самата морала да помине низ некоја „тесна врата“. Асоцијацијата е оправдана, затоа што и таа по дваесет години успешно творештво за деца, се осмелува да го освои „непознатото“ – царството на романот за возрасни.

„Куќичка“ (поговор: Румена Бужаровска)

Се чудам како досега никому не му текнало да направи филм од овој роман. Парадоксално, иако се вика „Куќичка“, тој постојано се движи. Тој е напнат од чувството на мистерија, тој е во постојана трансформација, тој е и интимно и политички возбудлив. Иако во него среќаваме прељуба, убиство, бегство и измама, тој е цврсто втемелен во принципите на вербата во човештвото и во солидарноста. И на крајот, ова е роман што е длабоко вљубен во зборовите со кои е напишан и во културата од која произлегува, па така самиот по себе претставува дом за нашиот јазик.

„Тромбот“ (поговор: Владимир Мартиновски)

Во замрсените игри на демонстрација на (над)моќ, во овој роман секој во секого гледа притаена закана, секој очекува (а неретко и добива) нож в грб од најблиските. Лоцирајќи го дејството во поранешната СФРЈ, Оливера Николова со „Тромбот“ истовремено создала слоевита и исклучително пластична слика за уривањето и изместувањето на системот на вредности, кој се дијагностицира токму преку врските меѓу спортот и човековата природа.

„Адамовото ребро“ (поговор: Калина Малеска)

Романот „Адамовото ребро“ се издвојува во македонската книжевност по својствата на протагонистката која не се плаши од своите избори во животот, неконвенционални за времето во кое живее. Се издвојува и по интересната техника на самопреиспитување преку тоа што ги соочува сличните ликови во сосема различни временско-просторни околности. Се издвојува и по специфичното метакнижевно истражување: овде, не само што реалноста на нараторката влијае во создавањето на нејзините ликови и нејзиниот роман туку и постапките на нејзините ликови повратно дејствуваат таа да размисли за своите животни избори, понекогаш да ги промени и да им даде смисла.

„Збогум Вано, Ванке…“ (поговор: Јелена Лужина)

Автентичните писатели како Оливера Николова секогаш читаат помеѓу редовите, умеат да ги декодираат навидум „невидливите“ причинско-последични релации и интуитивно ги препознаваат оние загадочни сигнали кои „бликнуваат“ од таканаречениот поттекст. Романот „Збогум, Вано, Ванке…“ е „составуван“ токму од тој и таков материјал. Формално невидлив. Како и секоја фикција.

„Пешаци по црни полиња“ (поговор: Гоце Смилевски)

Оливера Николова во „Пешаци по црни полиња“ преку индивидуалните судбини на главните ликови ги отсликува општествените состојби и процеси во времето во кое тие живеат, а тоа е времето кое ни е добро познато: нашето „вчера“ кое траеше повеќе од две децении – времето на транзицијата.

„Белиот чад“ (поговор: Никола Гелевски)

Сложената и разгранета наративна конструкција во „Белиот чад“, како во ноар филмот, создава свет во кој преовладува чувството на отуѓеност и фатеност во стапица од која нема излез. Дистанцирани од нормалниот свет, но истовремено и нурнати во неговите мрачни текови, ликовите се обележани со некој вид дефинитивна изолираност и отуѓеност, а нивната оддалеченост од стварноста станува безнадежна.

Оливера Николова е одлична портретистка, виртуозна создавачка на атмосфера и неуморна барачка на суптилни детали.

„Вежби за Ибн Пајко“ (поговор: Катица Ќулавкова)

Историјата и народното предание ѝ служат на Оливера Николова да создаде своја авторска приказна за некои човечки судбини карактеристични за балканските простори. Контактите меѓу историската стварност, народното предание и колективната меморија го прават светот на „Вежби за Ибн Пајко“ да биде живописен. Авторката нема цел во својот роман да прикаже една историска вистина, туку да покаже дека е кревка границата меѓу историската вистина и илузијата: и вистината може да стане илузија, и илузијата – вистина.

„Песот со тажен поглед“ (поговор: Давор Стојановски)

„Песот со тажен поглед“ не е исклучиво историски или воен роман, туку е повеќе роман за тоа како војната го втиснува мрачниот печат врз индивидуата, за последиците што војната ги остава врз телото и врз психата на оној што излегол од борбата, но и за ронката хуманост што, случајно или не, останува надвор од човекот и е сместена во очите на животното што најчесто го сметаме како наш најчест домашен миленик.

„Кадифената покривка“ (поговор: Оливера Ќорвезироска)

Задачата што Оливера Николова си ја поставила себеси во „Кадифената покривка“ е да ги оживее личните приказни на убијките, да ги открие и долови мотивите на злосторствата, да ги дешифрира и да ги „реши“ според одличната, проверена и препознатлива сопствена раскажувачка формула; да ги направи разбирливи, да ги донесе блиску пред нас, да ни ги послужи на подавалникот на можното, да ги вгнезди во едно обично секојдневие, во една обична стварност каква што е оваа околу нас.

„Лева комора“ (поговор: Владимир Јанковски)

„Лева комора“ е книга за опачината на појавите и нештата. За личните погледи, перцепции, доживувања и светови кои остануваат во заклучената соба на интимата. За тивката потреба да не се каже. Книга за деконструкцијата на надворешната реалност составена од согласувања и хармонии. За деструкцијата на лагите од кои многу често е изградено нашето секојдневие. Книга за женскиот крик. Често тивок и безгласен, а сепак крик.

ОЛИВЕРА НИКОЛОВА е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни. Има објавено 10 романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.

Реобјавените книги од Оливера Николова ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.