Марија Костадиновска: Преку „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ порачувам да ги научиме децата на вистинските вредности

Вечната борба на доброто со лошото, потрагата по мир, љубов и вистина, како и потребата да ги научиме децата на вистинските вредности, се темелите на кои младата авторка Марија Костадиновска ги раскажува приказните во своите две изданија за деца: „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Илустрираните книги, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, на разигран, забавен и едукативен начин, разбирлив за новите генерации, ја пренесуваат главната порака дека добрината секогаш треба да надвладее над злобата.

Двете книги ќе бидат промовирани на 24 март, со почеток во 18:30 часот, во книжарницата „Литература.мк Суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а извадоци од книгите ќе чита проф. Елена Ѓорѓиовска.

Марија Костадиновска е родена на 06.03.1990 година во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонски и јужнословенски книжевности. Со пишување почнува во студентските денови, а во последните неколку години пишува книжевност за деца. Костадиновска е професионален едриличар и говори англиски, шпански и грчки јазик, а во изминатите години живеела во Шпанија, Италија и на Флорида.

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ (2020) и Волшебните прегратки“ (2021) се нејзини први публикации. Тие станаа дел од програмата на студиите по детска литература на Филолошкиот факултет во Скопје.

По повод промоцијата на книгите поразговаравме со авторката:

* Како се роди идејата за приказните во „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“?

– Инспирацијата за двете книжиња ја добив во еден порив. Тие се инспирирани од сѐ она што го гледам наоколу. Децата, родителите, средината и начинот на живеењето од една страна, со времето, технологијата и сите новитети што ни ги носат, од друга страна. Сето ова е само еден прототип на сѐ она што понатаму ќе го опишувам во приказните.

* Која е главната поука што сакаше да ја пренесеш со овие две книги?

– Ако забележувате, и двете мои книги почнуваат со едно големо „В“, оваа буква, пред сѐ, е симбол на победата, мирот и слободата. Знаеме дека во приказните доброто го победува лошото. Дека главните ликови поминуваат низ фаза на иницијација сè со цел духовно да пораснат, за да дојдат до пронаоѓање на мирот и вистинското „јас“. А секое дете, како читател и слушател на приказните, неминовно со себе ја носи онаа чистота, безгрижност и слобода. Но, големото „В“ – за мене претставува и една голема вистина. Првата книга е „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ – уште со насловот ни кажува дека ова е вистинска приказна и дека целото дејство постои и вистински се случува. Второто книже е „Волшебните прегратки“ и целото дејство сѐ случува во земјата, таканаречена, Вистинија. Значи, повторно вистински се случува, во вистинска земја Вистинија. Уште на почетокот, со повторувањето на овој збор, ги учам и ги насочувам децата, но и возрасните, на многу искреност и вистина. А потоа се надоврзам и на вистинските вредности во животот, на искрените чувства, на пријателството, помагањето и поддршката, на љубовта и топлината, но и на волшебноста и убавината на живеењето.

* За кого се наменети овие приказни? Дали, и покрај тоа што се книги за деца, во нив ќе се пронајдат и возрасните?

– И двете книги првично се наменети за децата, затоа и ги пишував во еден стил на разиграност, леснотија, ведрина и топлина. Но, носат суштински и длабоки пораки што се наменети за родителите. Ова се мини-романи за читање и препрочитување. А со секое ново препрочитување носат можности за нова интерпретација.

* Опиши ни ги главните ликови во „Волшебните прегратки“. Како се развија нивните карактери и дали се инспирирани од вистински личности?

– Главните ликови во „Волшебните прегратки“ се Ведран и Мила. Имињата навестуваат на нивните карактерни особини, ведрина и милост. Тие живеат во еден град што се вика Гушкоград и во една земја Вистинија. Најнапред, земјата Вистинија ми беше првична вистинита инспирација, во која ние заеднички, секојдневно, реално живееме. Но, тука додавам и уште еден лик, а тоа е Госпоѓа Злоба, која ја уништува сета онаа хармонија на живеењето во Гушкоград. Ведран и Мила ги имаме како претставници на денешните деца, кои ни го симболизираат доброто, магичното, волшебното, а пак Госпоѓа Злоба е претставник на оние возрасни кои го уништуваат сето тоа. Во мојот мини-роман, Ведран и Мила (децата) ја спасуваат Вистинија од злоба. Затоа упатувам порака и за денешните родители и деца. Да ги научиме на вистинските вредности за тие да го спасат и денешниот свет во кој живееме.

* Која е симболиката зад „Волшебните прегратки“? За што се метафора тие?

– Прегратките се симбол на една неизмерна топлина. На нешто што ни дава љубов, поддршка и сила. А мојот главен лик Ведран, освен што е најдоброто и најмилото момченце во Гушкоград, тој носи ранец преполн со волшебни прегратки. Кога жителите на Гушкоград се тажни Ведран веднаш вади од ранецот една од своите волшебни прегратки и го прегрнува секој што е тажен, во истиот момент од прегратката исчезнува тагата. Оттука посочувам и колкава е моќта на прегратките и со колкава леснотија дејствуваат тие. Со тоа го наметнувам прашањето, дали ние доволно се поддржуваме, почитуваме и прегрнуваме? – Не! Метафората во волшебните прегратки е всушност нивната длабочина.

* Што е среќа за тебе и дали постои апсолутна среќа? Како до неа?

– За мене, среќа претставуваат сите оние убави мигови. Времето како одредница е неповторливо и бесценето, а мигот а најскапоценото нешто во животот. Само за еден миг можат да се случат многу нешта. Истите мигови, ако ги создадеме да бидат убави, а потоа ги собереме во една колекција, за мене е создавање среќа. Верувам и во апсолутна среќа, ја создаваме со создавањето на среќните мигови. Среќата и апсолутната среќа се многу индивидуални, секој треба индивидуално да се обиде да ја пронајде…

* Илустрациите во овој мини-роман се на илустраторката Иванка НиБа. Како се одвиваше вашата соработка и колку таа успеа со цртеж да ја дополни твојата приказна?

– Иванка НиБа ги отслика моите замислени ликови и приказната буквално онака како што си ја имав замислено. Таа доби насоки од страна на мојата уредничка Бранка Бугариска, која веќе однапред знаеше каков ми е стилот на пишување и замислата на приказните. Но, немавме лична и електронска комуникација со НиБа. Илустрациите се извонредни. Сѐ уште се чудам како НиБа го направи тоа? На моменти се прашувам дали е магионичарка?

* Што е вистинито, а што фикција во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“?

– Сѐ е вистинито во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, таа е вистинска и постои!

* Кои вредности сакаш да ги пренесеш преку Хана, а кои преку Фран? Дали тие може да се и обични деца, а не кралица и крал?

– Преку ликовите на Хана и Фран ги пресликав сите деца, без разлика од каде доаѓаат, тие се крал и кралица на едно сопствено кралство.

* Дополнителната живост на оваа приказна ја даваат илустрации од илустраторката Александра Филипоска. Колку таа преку цртежите успеа да ја визуализира твојата замисла?

– Најнапред, мојот стил на пишување многу се вклопи со стилот на илустрирање на Александра. Со тоа, знаев дека ќе имаме извонредна соработка. Откако ја прочита приказната, таа веднаш направи пробни илустрации што одговараа совршено на описите на ликовите. Потоа разменивме неколку идеи и со тоа беа и целосно визуализирани. Неизмерна е мојата среќа за таа соработка…

* Како се разви љубовта кон пишувањето и творештвото за деца?

– Љубовта кон пишувањето и творештвото за деца, чинам, се таложеле во мене години и години, од сѐ она што сум го набљудувала, анализирала и перципирала. Па, така, сè до еден момент кога добивам бура на инспирација и креативност што ме поплавува. Морав да испливам од неа, па почнав да пишувам.

* Кога најчесто пишуваш? Како настануваат твоите книги и дали во моментов создаваш нешто ново?

– Пишувам секогаш кога имам инспирација. Најчесто, приказните се создаваат во мојата глава толку брзо и силно што едвај чекам да најдам да ги запишам на нешто. Инаку, во периоди на недостаток на инспирација не сакам да се форсирам, ниту, пак, да се притискам да пишувам. Сѐ што правам во животот правам со многу љубов. Така што, пишувањето ми е една од најголемите. Да, во моментов работам на нешто ново, но сето тоа ќе фрагментира малку…

* Ти си дипломиран филолог. Кои се најзначајните моменти од твојата образовна и професионална биографија? Со каков работен ангажман си во моментов?

– Факултетот го завршив со неизмерна посветеност, страст и љубов, што, верувам, сега е резултат на сѐ што ми се случува на професионално поле во областа на книжевноста. Сите оние сериозни исчитувања теории сега се обидувам да ги реализирам со пишувањето приказни за деца. Оваа зима бев посветена на пишување, творење и други креативности во областа на дизајнот и уметноста. Но, како што запролетува, така чувствувам дека морето ме повикува, така што се враќам на едрењето…

Двете книги се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk.

„Волшебните прегратки“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14686

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14443

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.