Топ 10 најпродавани книги за возрасни во „Литература.мк“ во февруари

Автобиографската книга „Моите изуми“ на генијалниот научник и еден од најзначајните изумители и визионери, Никола Тесла, е најбаран наслов во книжарниците „Литература.мк“ во февруари. Во месецот посветен на љубовта, едно од најбараните изданија беше „Сплеткарот Купидон“ од Џина Ардито. Високо на листата е и крими-романот „Смрт на Нил“ од Агата Кристи, чијашто нова филмска верзија беше премиерно прикажана во февруари. Една од најчитаните книги во 2021 година, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, високо котира и на почетокот на 2022 година. На листата се најдоа и биографската книга посветена на Фидел Кастро, романот од наградуваниот турски писател Орхан Памук, „Жената со црвена коса“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ од славниот Милан Кундера, првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, како и „Монологија“ од Васко Тодоров.

Во продолжение е листата со топ 10 најпродавани книги за возрасни во „Литература.мк“ во февруари.

1. „Моите изуми“ од Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес што речиси незапирливо продолжува многу години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чијашто благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13514

2. „Сплеткарот Купидон“ од Џина Ардито

Понекогаш дури и на Купидон му треба малку помош… Виви Максвел ја води агенцијата „Купидон по порачка“ во Њујорк, која нуди уникатен сервис за изнајмување придружници. Кога богатата и згодна клиентка Ева Федерстон ќе им се обрати за да ѝ најдат придружник за зимската сезона во Менхетен, таа фрла око на најдобриот пријател на Виви, Себастијан Лоренс, познат како Бас. И Виви и Бас претходно се имаат изгорено во љубовта и не ни помислувале дека нивната врска може да биде повеќе од платонска. Но, наметнувањето на Ева го освестува Бас, терајќи го да сфати дека е, всушност, вљубен во својата најдобра пријателка – Виви. Сега, со помош на Ева, тие прават секакви сплетки за да ѝ помогнат на Виви да ја препознае љубовта што ја барала целиот свој живот, а, всушност, била постојано покрај неа…

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=11513

3. „Смрт на Нил“ од Агата Кристи

На една вечера во Лондон, славниот детектив Херкул Поаро ја забележува убавата Жаклин де Болфор како танцува со својот свршеник Сајмон Дојл, а силен впечаток му остава нејзиниот вљубен поглед во него. Следниот ден Жаклин оди во посета кај блиската пријателка и богата наследничка Линет Риџвеј во надеж дека таа ќе му понуди работа на Сајмон. По само три месеци, Сајмон ја прекинува свршувачката со Жаклин и стапува во брак со Линет. Нововенчаната двојка заминува на меден месец во Египет, каде што истовремено се наоѓа и Поаро. Во хотелот каде што се сместени сите, тој посведочува една немила средба помеѓу двојката Дојл и Жаклин, по што му приоѓа Линет и му се доверува дека откако се венчале со Сајмон, Жаклин де Болфор постојано ги следи во чекор, нешто што за нив станува неподносливо. Иако свесен дека нема да постигне многу, Поаро се обидува да ја вразуми Жаклин да престане да ги прогонува, велејќи ѝ да не си го отвора срцето пред злото. Таа не го слуша, туку напротив, му вели дека постојано фантазира за тоа како ја убива Линет. Случајот добива трагичен тек кога за време на крстосувањето по реката Нил се случува убиство, но тука е Херкул Поаро за да го реши.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14486

4. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Една од најчитаните книги за 2021 година, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е меѓу најбараните и во првите месеци од 2022 година. Во фокусот на романот е возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант за тоа, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

5. „Младиот Кастро: како се создаваше еден револуционер“ од Џонатан М. Хансен

Книгата „Младиот Кастро“ на авторот Џонатан М. Хансен претставува интимен портрет на раните години на Фидел Кастро во кој воедно се прикажува и како младиот Кубанец неочекувано ја водеше земјата во револуција и го „трансформираше“ светот. Книгата ќе ви го промени начинот на размислување за Фидел Кастро. Досега, биографите го третирале животот на Кастро како обвинители, пребарувајќи низ неговото минато во потрага по докази за осудување на оваа личност што не ја сакаат или не ја разбираат. А тоа неретко може да резултира со лошо прикажување на историјата и незадоволителна биографија.

„Младиот Кастро“ ги предизвикува читателите да го остават настрана често карикатуралниот приказ на брадосана, антиамериканска вжештена глава со пура во устата и да откријат како Кастро станува диктаторот, кој изгледа како трн в око на американските претседатели речиси половина век.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14373

6. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14736

7. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ од Морис Леблан

Првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, објавена на англиски јазик со наслов „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“, е меѓу најбараните книги и овој месец. Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови, тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Врз основа на овој лик, стриминг-сервисот „Нетфликс“ на почетокот на оваа година ја реализираше француската ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ е прва збирка раскази на Леблан што раскажува за авантурите на Арсен Лупен и е објавена во 1907 година. Toj е духовит човек полн со доверба – Шерлок Холмс за криминал. Сиромашните и невините немаат од што да се плашат; често тие профитираат од неговата спонтана великодушност. Богатите и моќни како и детективот кој се обидува да му ја расипе забавата, сепак мораат да внимаваат. Тие се мета на пакоста и одмаздата на Арсен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14561

8. „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера

Во „Неподносливата леснотија на постоењето“, Милан Кундера ја раскажува приказната за една млада жена вљубена во маж, кој е растргнат помеѓу неговата љубов кон неа и неговата невоздржлива желба и по други жени, преплетена со приказната за една од неговите љубовници и нејзиниот понизно верен љубовник.

Овој извонреден роман меѓусебно сопоставува географски оддалечени места, понудува брилијантни и неверојатно интересни огледи и увиди и се карактеризира со вистинско богатство и оригиналност во поглед на стилот на пишувањето, со што за многумина го заслужува и пиететот најдобро и најпретставително дело на Кундера како романописец.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14522

9. „Тошо Малерот: монологија“ од Васко Тодоров

Во книгата „Монологија“ на Васко Тодоров се собрани сите култни монолози на неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот од легендарното шоу „К-15“. За книгата тој вели: „Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање“. Книгата ќе ве насмее и ќе ве потсети на една од најоригиналните ТВ-проекти.

Во продолжение е еден од најпознатите монолози на Тошо Малерот:

„Види батка, животот се состои од односи, а видот на односите зависи од стадиумот на поединечниот однос во однос на тоа дали станува збор за обичен однос, коректен или некоректен однос, а градењето односи во однос на нивното доградување се однесува на поединечниот однос во однос на меѓусебното однесување! Секој личен однос зависи од меѓусебниот сооднос, и може да се однесува на другарски однос воопшто, или на интимен однос, посебно!“

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14409

10. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Мајк Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во книгата „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“ открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок. Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени. Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.