Конкурс на САНО: „Јас сум пријател на децата во болница“ – есеј на Јелопи Седеу Нишевиќ (прво место)

Награден цртеж од Ива Јосифоска, ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп

Низ маалото сум позната како „Златокоса“, како што и изгледам. Постојано носам шарени фустанчиња и накитени чевличиња, а по должината на мојот ’рбет се простираат долги златни прамени коса што стигнуваат сѐ до зглобовите на моите раце. Овој карактеристичен изглед секогаш бил моја симболика и никогаш не сум помислила да го променам.

Првиот училиштен ден во четврто одделение беше како и секој претходен. Познати насмевки и топли прегратки од другарчињата кои ги немав видено за време на летниот распуст. Заѕвони ѕвончето и почна првиот час. Забележав дека Ана, повлеченото девојчето кое вообичаено седеше во првата клупа, не беше тука. Иако никогаш не бевме блиски, имаше нешто во неа што ме правеше да се чувствувам убаво. И ситните зборови што знаевме да ги размениме меѓу часовите ме правеа среќна. Таа зрачеше со позитивна енергија.

Минеа недели, а таа сѐ уште се немаше појавено на училиште. Учениците претпоставуваа дека се преселила подалеку и се префрлила во друго училиште, но јас се сомневав.

Петок, како и за сите, беше мој омилен работен ден. Се разбудив со возбуда за викендот што доаѓаше. Но, не знаев дека на училиште ме чекаат разочарувачки новости.

Уште пред почетокот на првиот час во училницата нè пречекаа психологот и педагогот со вознемирени изрази на лицата. Ни соопштија трагична вест за Ана, која не доаѓала во училиште, бидејќи била дијагнозирана со тешко излечлива болест. Уште пред да заминат, јас знаев што треба да направам. Веднаш по завршување на часовите купив букет цвеќе и отидов во болницата каде што престојуваше таа.

Награден цртеж од Сара Цветановска, 8-б одд. ООУ „Невена Георгиева – Дуња“

Одејќи низ ходниците во болницата сфатив колку многу дечиња страдаат од болести што ги принудуваат да лежат и да се борат за својот невин детски живот. Пред да влезам во собата на Ана морав да облечам заштитни ракавици, маска и мантил. Бактериите што ги носиме се лесно преносливи и можат да предизвикаат лоши последици. Кога влегов внатре, таа читаше книга. Лицето ѝ беше бледо и ослабнато, а косата сосема опадната. Ме обли тага, но знаев дека не смеам да го покажам тоа. Срцето ми се разнежни кога ја видов нејзината насмевка. Веднаш почнавме да си разговараме и вистински да се запознаваме една со друга.

Во следните недели редовно ја посетував и ѝ носев најразлични подарочиња за да ја расположат, иако знаев дека најмногу ја радува моето присуство. Часовите ни минуваа незабележливо во дружба и забава. Се запознав со многу дечиња од болницата кои исто така се радуваа на моите посети. Сите беа гостопримливи и весели без разлика на ситуациите во кои беа. Често им раскажував приказни за да им дадам надеж да размислуваат позитивно и никогаш да не дозволат болеста да им ги урне соништата по кои мечтаат.

Засекогаш ќе го помнам денот кога лекарката ни соопшти дека Ана во скоро време ќе биде сосема здрава и ќе може да се врати повторно дома. Радоста како водопад ме потопи во истиот момент кога ми текна на сите дружби за кои сме сонувале долго време. Врели солзи радосници се слеваа по моите образи.

Заедно со другарчињата од мојот клас ја чекавме Ана на влезот од болницата. Сите ја пречекаа со писма и честитки за нејзината храброст и сила што ѝ помогна да се избори со болеста. А јас имав подготвено уште еден подарок што со нетрпение чекав да ѝ го дадам.

Награден цртеж од Јасмина Диздаревиќ, 8-а, одд. ООУ „Мирче Ацев“

Ја почувствував радоста што ѝ го стопи срцето во моментот кога ја отвори кутијата. Од неа извади перика. Тогаш без колебање ја тргнав мојата волнената капа, откривајќи ја голата кожа на мојата глава. Иако таа не знаеше како да ми се заблагодари, за мене најголем подарок беше нејзината насмевка и врелите солзи од среќа кои течеа непрекинато.

И покрај тоа што за Ана заврши борбата, јас редовно наминувам во болницата да ги посетам другите дечиња кои сè уште се борат. Срцето ми се полни кога ќе слушнам како секојдневно им се подобрува ситуацијата и со прегратки ги пречекувам оние што се слободни да летаат уште повисоко од претходно.

Колку и да станува тешко, надежта треба да биде таа што последна исчезнува, затоа што постојат толку убави работи за кои вреди да се бориме и никогаш да не се откажуваме. Сепак, и по најголемото невреме следуваат сончеви денови.

Пишува: Јелопи Седеу Нишевиќ, II год. ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје

Есејот го освои Првото место на литературниот дел од конкурсот „Јас сум пријател на децата во болница“ во организација на Здружението на граѓани САНО – Скопје, со поддршка на „Арс Ламина“.

Цртежите се наградени во ликовниот дел од конкурсот „Јас сум пријател на децата во болница“.

Награден цртеж од Теа Јано I-в одд. OОУ „Мирче Ацев“
Награден цртеж од Елена Кузманова, ООУ „Блаже Конески“ – Велес

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.