Кон „Хамнет“ од Меги О’Ферел: Роман за болката и за трансформацијата на животот во уметност

Дејството на романот „Хамнет“ од Меги О’Ферел е сместено во времето на пандемијата на грозницата наречена Црна смрт, што косела во Европа во 16 век и од која биле зафатени и театрите во Лондон. Во еден од нив, младиот Вилијам Шекспир создавал нов вид историја. Во „Хамнет“ Шекспир останува неименуван, а е прикажан како грижлив, но често отсутен татко на единаесетгодишник, чијашто смрт е скелетот на оваа приказна. Познат е фактот дека драматургот имал син Хамнет, кој умрел во летото во годината на чумата, четири години пред „Хамлет“ да биде изведен по првпат. Причината за смртта на момчето не се знае, па авторката извела логичен заклучок.

Меѓутоа, Шекспир не се наоѓа во куќата во напнатиот момент кога авторката нè воведува во својата приказна. Момчето Хамнет панично бара помош. Неговата сестра близначка ненадејно се разболува. Чувствуваме како неговиот страв од момент во момент расте, бидејќи не му поаѓа од рака да најде некој од возрасните, пред сè неговата мајка, кои би знаеле како да му помогнат.

О’Ферел уште тука, на почетокот, јасно ни дава до знаење дека нејзиниот роман ќе говори за човечката болка: за тоа како ја доживуваме, како реагираме на неа, колкава е нејзината цена и кому му нанесува штета. „Секој живот има свое јадро, свое средиште, свој епицентар, од кој извира, каде сè се враќа“, пишува таа. „Ова е моментот на отсутна мајка: момче, празна куќа, пуст двор, крик кој никој не го слуша… Тоа ќе почива во самото нејзино јадро, до крајот на животот.“ Мајката е оддалечена повеќе од километар, се грижи за своите кошници. Растечката паника кај нејзиниот син е прекрасно јукстапозиционирана со смирениот однос на нејзината активност во полето. Дали нејзиното присуство би го одбранило детето од чумата? Веројатно не. Но, ни разумот не е од особена помош во решавањето на равенката на болката.

Авторката повлекла мудар потег, не дозволувајќи резултатите од нејзините истражувања да фрлат сенка на приказната што сакала да ја раскаже. Таа не нè претрупува со детални описи на техниката за правење ракавици ниту, пак, со егзегезата на илегалната трговија со волна во тјудорска Англија, но умешноста со која пишува во нашите ноздри го внесува мирисот на нова кожа во ракавичарската работилница и на јаболка распоредени во зимската остава, а во нашите очи слики на улиците измиени од дожд до кои, низ тесните премини меѓу зградите, се пробиваат зраците од бледото лондонско сонце.

Централното прашање на романот гласи: зошто Шекспир своето најпознато дело го нарекол по синот кој умрел неколку години претходно? (Во парохиските документи од тој период може да се види дека иста личност некогаш била запишана како Хамнет, а некогаш како Хамлет. Очигледно е дека се работи за различни верзии на истото име.)

Приказната со време се развива во интригантна шпекулација, која нема да ви ја откриваме, а како се ближи кон крајот, нè води до емотивниот и оптимистички заклучок дека дури и во моментите на најдлабока тага и безнадежност може да се најде утеха и пат кон исцелување. Овој роман, поттикнат од премисата дека смртта на Хамнет придонела кон создавањето на една од најпознатите драми на неговиот татко, говори за преобразбата на животот во уметност, но истовремено и самиот претставува извонреден пример за една таква трансформација.

Исправање на историската неправда кон Ен Хатавеј

Како што и би очекувале од жена која ја нарекуваат „феминистички одмазднички ангел“, О’Ферел наративот на романот го свртела кон Ен Хатавеј, бардовата сопруга, која во текот на 500 години била предмет на ужасна мизогинија. „Инструирани сме со идејата дека била неука селанка која завела едно генијално момче и го навела да се ожени за неа, а тој ја мразел и морал да побегне од неа во Лондон. Од каде потекнува тоа? Зошто луѓето се толку врзани за идејата за уметникот што морале да ја понижуваат?“

Извештаите од тоа време покажуваат дека името ѝ било Агнес и дека татко ѝ ѝ оставил вреден мираз, а дека таа подоцна во текот на животот направила успешен бизнис произведувајќи слад. „Да, веројатно била неписмена, која ќерка на фармер во 16 век знаела да чита? Тогаш се сметало дека нема поента. А неписменоста не значи дека сте глупави“, вели авторката.

„Особено е важно и тоа што Шекспир пред крајот на својата кариера бил исклучително успешен претприемач кој можел да живее каде било, но тој решил да се врати во Стратфорд. На сопругата и на двете ќерки им купил вила во годината кога умрел Хамнет, но и полјаната и селската куќа што ги изнајмувал. Ништо од тоа не упатува на тоа дека станува збор за човек кој се каел што се оженил. Толку сè во врска со неа ме разбесни што сакам да ги замолам читателите да заборават сè што мислат дека знаат за неа и да се препуштат на нова интерпретација: бракот да го гледаат како партнерство.“

Книгата „Хамнет“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14826

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.