Романот  „Хамнет“ е круна на книжевната кариера на писателката Меги О’Ферел

„Приказната за Хамнет Шекспир го чекала својот раскажувач повеќе од четиристотини години. Меги ѝ ја даде должната почит. Извонредно, потресно, импресивно.“ Овој коментар на наградуваната британска авторка Камила Шамси најдобро ја опишува една од најбараните и најнаградувани книги изминатите две години – „Хамнет“. Ова импресивно дело на Меги О’Ферел е меѓу најфалените романи напишани на англиски јазик последниве години, светски бестселер и добитник на престижни награди, меѓу кои „Воменс прајз“ и „Бритиш бук авордс“.

Неодамна, романот „Хамнет“ излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Според критиката, „Хамнет“ е круна на книжевната кариера на О’Ферел, вистински скапоцен камен. Авторката уште од тинејџерските денови била фасцинирана од Вилијам Шекспир и „Хамлет“. Сѐ како да водело кон создавање на оваа фиктивна историска приказна за судбината на синот на Шекспир, Хамнет…

Кога на 16 години првпат добила покана за маскенбал, Меги О’Ферел веќе имала идеја за костим. Облекла црна кошула со набрана јака, темна наметка од преправено здолниште, длабоки црни чевли и црни шорцеви над црни хеланки. За да го комплетира изгледот, позајмила череп од училишната лабораторија. Уште тогаш била опседната со Хамлет.

Меги О’Ферел за „Хамнет“ ја доби престижната награда „Воменс прајз“ (фото @WomensPrize)

„Ми се вовлече под кожа. Го чувствував како дел од својата ДНК.“ Во тоа нема ништо необично. Приказната за маките на младиот дански принц со векови ги привлекуваат симпатиите на тинејџерите. Но, Меги не очекувала дека нејзината фасцинација со сета своја сила ќе се врати за време на студиите по англиска книжевност на Кембриџ кога дознала за врската на оваа драма со Шекспировиот син Хамнет. Била убедена дека во она што го открила се крие доволно материјал за роман. Следувал долг период во кој безуспешно се обидувала да ја спроведе својата замисла на дело. Помислувала дури и да крене раце од сè, но приказната никако не ѝ излегувала од глава. Поминаа цели две децении и денес, конечно, пред нас се наоѓа „Хамнет“ – круна на нејзината книжевна кариера. Таа оценка зборува многу, бидејќи таа во меѓувреме напишала осум наградувани и исклучително популарни книги. Она што овој роман го прави посебен, покрај силата со која погледот на читателот го држи прикован за страницата, е фактот што неговата авторка постигнала нешто што ретко на кој писател му успева: кај читателите да создаде впечаток дека нејзината приказна се раскажува себеси. Романот личи на бајка инспирирана од вистинити трагични настани – нема магија со која можете да го зачувате животот на своето дете.

Се претпоставува дека 11-годишниот Хамнет го покосила чума. Меги О’Ферел верува дека неговиот кус, скапоцен живот оставил многу подлабока трага отколку што историчарите на книжевност се спремни да признаат. Од интересниот текст „Смртта на Хамнет и настанокот на Хамлет“ од критичарот Стивен Гринблат, објавен во 2004 година во „Њујорк ривју оф букс“, дознаваме дека Хамлет и Хамнет во времето на Шекспир биле различни форми од истото име. Хамнет се појавувал како спореден лик во различни играни содржини во кои се зборувало за неговиот татко, но никому досега не му паднало на ум да ја истражи и книжевно да ја вообличи неговата улога во настанувањето на Хамлет и со тоа да укаже на јасната врска меѓу приватниот живот на Шекспир и неговото творештво.

Сите оние што го прочитаа романот „Хамнет“ се согласни во оценката: кога ќе ја прочитате, веќе нема да можете да го гледате „Хамлет“, а притоа да не помислите на момчето по кое драмата го добила своето име.

Ова е роман за двајца исклучителни луѓе, кои ги спојува силна љубов. Но, им се случува голема загуба, која ќе им го промени животот. Еден летен ден во 1596 година во Стратфорд, единаесетгодишното девојче Џудит одненадеж ќе го кутне силна грозница. Хамнет, нејзиниот брат близнак, е во панична потрага по помош. Но, нема никој дома. Мајката Агнес се наоѓа на имот оддалечен речиси два километри, каде што одгледува лековити билки и пчели. Таткото работи во Лондон. Ниту еден од нив не насетува дека едното дете ќе им умре. Романот Хамнет е силна приказна за бракот и семејството кои се опустошени од тага и загуба, но и нежен, незаборавен портрет на момче чијшто живот е заборавен, а чиешто име ја носи една од најпознатите драми на сите времиња.

Книгата веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14826

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.