Со книжарницата „Литература.мк“ се отвора нов свет на книгата во Струмица

„Без светлина нема радост за окото, без книга нема радост за душата.“ Со оваа мисла на големиот македонски писател Видое Подгорец, врежана заедно со неговиот портрет на плафонот, новата книжарница на „Литература.мк“ во Струмица им посакува добредојде на сите посетители во светот на книгите.

Во саботата (19 февруари), на убавиот сончев ден, неколку стотици гости, автори, уметници, професори и љубители на книгата од Струмица, од сите генерации, присуствуваа на отворањето на овој нов книжевен центар во срцето на Струмица, лоциран на ул. „Благој Јанков-Мучето“, бр. 4.

За присутните следуваа попусти, подарок-картичка за лојалност, а убавиот амбиент беше збогатен со коктел и музички настап на џез-гитаристите Горан Алиќ и Слободан Ѓошиќ-Боби.

Во чест на почетокот на новата приказна на „Литература.мк“ во градот под Царевите кули, воведен говор имаше познатиот македонски поет од Струмица, Никола Маџиров. Тој истакна дека „со секое отворањето на нова книжарница – се отвора нова врата кон книгите. А со тоа се отвораат и нови светови“.

– Во време кога сме (принудно) затворени во сопствениот свет, таквата принудна осаменост и принудна блискост не може да биде одговор на отвореноста на книгите. И затоа сметам дека ваквите отворањата на книжарници не се само отворање кон светот туку и доброволни отворања кон себеси. Ова не е само отворање книжарница во „внатрешноста“ (на нашата држава) туку и отворање кон внатрешноста на човекот, на оној што чита. Ние секогаш сме прво читатели, а потоа пишувачи… Многу автори од Струмица веќе досегнаа до македонскиот читател и пошироко, но прво сите бевме читатели… Всушност, најтешко се осмелуваме да опишуваме, најбезбедно се чувствуваме кога ги отвораме страниците на книгите. Книгата не децентрализира, бидејќи таа нема свој центар. Да се изразам со метафората на Борхес, книгата е како лавиринт (еве, книжарницата да ја замислиме како лавиринт), а лавиринтите немаат свој центар, тие имаат многу излези. Кој излез ќе го избереме тоа е наша работа, сè што треба е да се „отвориме“, отворајќи ја книгата… Би цитирал една мисла за книгата: „Кога некој умира, молчат оние што се присетуваат на неговите зборови. Кога книгата ќе се отвори, молчи целиот свет“, – рече тој и во продолжение ја прочита песната „Книга врзана со синџири“ од големиот писател Анте Поповски.

Во книжарницата, која е со модерен архитектонски дизајн, покрај тоа што се оддава почит на Подгорец, се оддава чест и на познатиот илустраторот и автор на книги за деца, струмичанецот Ване Костуранов. Неговите книги „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“ и „Мирко Немирко“  (во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“), се поставени во мала куќичка на излогот на книжарницата – како потсетување дека ова е домот на Костуранов, кој живее и твори во Струмица.

Инаку, ова е прва книжарница на „Литература.мк“ во Струмица, а вкупно осма, по „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“ и „Ист гејт мол“, како и добро познатите продажни места на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Веро центар“ и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје и на Широк сокак во Битола.

Во „Литература.мк“ во Струмица може да се најде голем избор од белетристиката, книжевноста за деца и стручната литература, од „Арс Ламина“ и други домашни издавачки куќи. Во продажниот простор застапени се играчки, едукативни и друштвени игри, колекционерски производи, украси за домот, училишни материјали и богата гифт-програма. Во рамките на книжарницата има кафе-корнер на „Café Literatura“, каде што за носење може да се нарача едно од најдобрите кафиња кај нас, „Кафе Италија“ (Café Italia).

Во чест на отворањето на кафе-книжарницата во првата недела има 30 отсто попуст на книгите во издание на „Арс Ламина“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.