Пет книги од „Арс Ламина“ влегоа во првата селекција за наградата „Роман на годината“

Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во првата селекција со 20 наслови за наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Избрани дела во првата селекција за најдобар роман објавен во 2021 година се следните романи во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“: „Втората месечина“ од Владо Димовски, „Уништување“ од Моџо Килингтон, „Албино трип“ од Александар Русјаков, „Деса“ од Ивана Трајаноска и „Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски.

Инаку, во првичната листа, од пријавени 39 романи, 14 беа во издание на „Арс Ламина“.

Жирито во состав Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) избра дваесет книги, што ја продолжуваат трката за престижната книжевна награда.

Комисијата е должна да го соопшти добитникот на наградата најдоцна до 15 март оваа година. Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Во продолжение се кратките описи на романите во конкуренција за роман на годината.

„Втората месечина“ од Владо Димовски

…и од под вода излезе втората месечина. За да има втора месечина, почитувани, треба да ги има и седумдесеттите години на минатиот век, треба да ве има и Вас во Долна Преспа. Авторот на оваа проза ги исполнува и двата услова. Замислете ги селата од овој дел на Македонија полни со млади луѓе. Сите населени места си имаа селски домови во кои секоја вечер имаше игранки. За забава беа потребни еден засилувач, неколку звучници и пристоен грамофон. Во време кога скопските девојки требаше да бидат дома пред 22 часот, моите долнопреспанки се прибираа по полноќ. Во време кога во другите места можеа да сонуваат дека ќе ја имаат најновата плоча од „Битлс“, ние ја вртевме со месеци. Плочите ни ги носеа нашинците кои доаѓаа од суровиот капитализам да си најдат партнерка, Македонка. Селските плажи?!… На врелиот песок задниците си ги топлеа и нашите и дојдените убавици. Модна ревија без концепт и без сценарио. Нешто највозбудливо и преполно со колективна емоција беше летната фудбалска лига. Замислете го сега познатиот голгетер во овој летен котел. Исончан, надоен од самоуправниот социјализам и со црвен пасош во џебот. Можеби сте за едно ноќно капење во водите на Преспанското Езеро?!… Сигурно ќе се престорите во месечина?!… Девојко, вам ви зборувам! Две приказни за едно волшебно време, за големи љубови, за две втори месечини.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14753

 „Уништување“ од Моџо Килингтон

Четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката… Изгледаше… Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога се измоча врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс… На колку сè начини можеме да си го уништиме животот, заслужуваме ли втора шанса и можеме ли да избегаме од себеси, се само некои од прашањата со кои Моџо Килингтон се занимава во овој емотивен, брутално соголен, интензивен и во филмски манир напишан роман.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14755

„Албино трип“ од Александар Русјаков

„Албино трип“ на Александар Русјаков е и луцидно „трипање“ и возбудливо патување од внатрешниот Парнас на човекот албино до сивите ќор-сокаци на мнозинството, со попатни одморалишта во оазите на чистите души.

– Ти си најдобриот албино писател во Македонија.

Јас сум единствениот албино писател во Македонија. Веројатно и пошироко. Ама уживам кога Шоте се заебава. Неговата чудесно луда смисла за хумор е натпросечна. Понекогаш вџашува. Ама секогаш расположува.

– Колку добро изгледаш на погреб, човек да посака да умре за да му дојде албино на збогување.

Луд е.

Уметноста на пишувањето ме спаси од полудување. Ме спаси и од самоубиство. Јас сум отворена книга нераскажани приказни. Неиспеани стихови. Албинизмот е само корица.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14702

„Деса“ од Ивана Трајаноска

„Деса размислуваше. Не разговарала вака, за музика, за што било досега, со никого. Се праша, зошто, ама навистина зошто го сака Бетовен… воопшто не ја интересираа животите на композиторите, нивните биографии, не размислуваше за нивните карактери и за тоа какви луѓе биле. Ништо што беше надвор од музиката не ја допираше. Како да излегуваше од себеси кога слушаше, како да го напушташе своето тело… најпрвин ја оставаше својата облека, чевлите, крутиот градник, килотите со висок струк, а потоа и кожата. Телото го оставаше на подот заедно со сè друго и лебдеше над нив, а потоа се вивнуваше и ја напушташе собата, па куќата, па овој град, овој свет и пловеше по небото и некако, не знаеше како, како да беше поблизу до Бога…“

Деса, жена-сон, тивка, приспособлива, непокорна, но свитлива, скротувачка на своите внатрешни ветрови и сили. Како довеано бело, лесно облаче среде модрите стратуси. Егзотична птица залутана во туѓо небо. Големите соништа ги носи од Кратово во Скопје, каде што треба да се остварат. Но, новата средина значи и поголем избор. Поголемиот избор значи и поголеми шанси за грешни одлуки. Во својот дебитантски ракопис, Ивана Трајаноска ни носи филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното.

Романот „Деса“ беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14701

„Веќе не сум истиот“ од Војо Цветановски

„Веќе не сум истиот“ е дебитантски ракопис на авторот Војо Цветановски, напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура. Во изминатите петнаесетина години успеав да ги запознам речиси сите кловнови, жонглери, пантомимичари, голтачи на оган, магионичари, улични музичари, улични живи статуи, односно сите улични артисти што работат по улиците на Европа. И јас станав дел од тој патувачки циркус, дел од сите тие фестивали за улична уметност каде што настапував како уличен артист – пантомимичар, односно улична жива статуа. Веќе не сум истиот. Некаде по пат се загубив себеси…

Две навидум независни приказни се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот.

Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач. Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14687

One thought on “Пет книги од „Арс Ламина“ влегоа во првата селекција за наградата „Роман на годината“

  1. Пингување: „Деса“ од Ивана Трајаноска, во издание на „Арс Ламина“, влезе во најтесниот избор за „Роман на годината“ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.