Докторот Маријан Бошевски во „Зборови наместо слики“ со стихови ги „црта“ емоциите

Срцето, кое како „материја“ е предмет на изучување и научно разгатнување, но и духовно ковчеже, е инспирација за дел од стиховите на д-р Маријан Бошевски. Тој му се обраќа: „За тебе учев / Од тебе учам / Дали си орган / Или повеќе од тело?“ Книгата ја посветува на сите што веруваат и љубат.


Чувствата што доаѓаат од срцето, емоциите кон жената, својот роден крај, корените, религијата, мајката и сеќавањата од детството, кардиологот Маријан Бошевски ги преточил во поезија, спакувана во неговата прва стихозбирка „Зборови наместо слики“. Книгата, која неодамна излезе од печат, во издание на „Попули“, веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.
„Емоциите што извираат од срцето се една посебна ’ука‘, која за д-р Бошевски отвора нови простори, нова творечка авантура – да се изрази емоцијата во стих, да се преточат сликите во зборови, да се доловат ритмите на исказот и да се допре до срцето на ’другиот‘, да се сподели доживувањето со читателот. Иако неговите песни се како млади ластари, сè уште недоволно зацврстени и недораззеленети, сепак се израз на еден автентичен креативен порив и на искрена почит кон величието на уметноста на зборот“, вели Соња Стојменска-Елзесер во освртот кон книгата.
Збирката „Зборови наместо слики“ може да се подели на неколку сегменти: љубовно-еротски стихови; носталгично-емотивни навраќања кон детството, со нагласена патриотска димензија; благо-религиозни, односно христијански мотивирани стихови и друго. Љубовните стихови на Бошевски се израз на вдахновеност од љубената жена. Се нижат стихови инспирирани од љубовта кон родниот дом, портата, ѕидовите, битолскиот крај со прекрасниот Пелистер… Со посебен емотивен набој авторот ја поетизира мајчинската љубов и грижа, но, исто така, и ги овековечува низ стих пријателствата и дружењата од детството, дури и оние емоции насочени кон животните-љубимци… Во некои од песните од овој условно наречен циклус, авторот го искажува афинитетот кон својот роден град и преку употребата на битолскиот дијалект при доловувањето слики од детството и од семејниот албум. Христијанизираните поетски изблици најчесто се фокусираат на ликот на Богородица.
Песните посветени на природните феномени и пејзажи (полна месечина), како и песните посветени на сликите воопшто (а во тој контекст и на сликарските платна, за кои авторот во својот кус животопис истакнува дека му се особена слабост и дека кон нив негува посебен афинитет) ја оправдуваат одлуката поетот да ја наслови својата збирка „Зборови наместо слики“. Тоа ни го разоткрива творечкиот процес на Бошевски, кој најверојатно замислува првично слики, кои потоа се обидува да ги пренесе во зборови.


Маријан Бошевски е роден во Битола, каде што и живеел сè до завршувањето на гимназијата. Дипломирал и докторирал на Медицинскиот факултет при УКИМ. Живее и работи во Скопје како кардиолог и универзитетски професор. Член е на Европската академија на науки и уметности. Автор е на многубројни книги и трудови од својата област. Љубител и собирач е на уметнички ликовни дела.
Книгата „Зборови наместо слики“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14802

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.