Катерина Трајановска: Со книгата „Мачешки исповеди“ сакам да ја разбудам емпатијата кај децата

„Сите среќни мачиња си прилегаат едно на друго, секое несреќно маче е несреќно на свој начин. Но, понекогаш тагата ги обединува сите живи нешта и понекогаш читателот може да си претстави што значи да се биде маче.“ Со овие зборови младата авторка Катерина Трајановска нè воведува во својата нова книга за деца „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“, што беше промовирана во петокот (11 февруари), во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата беше Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“, а со игрив, драмски манир, делови од книгата интерпретираше Виктор Јованоски.

„Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ е втора книга на Трајановска, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, по „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ – која ја освои наградата за најдобра книга за деца од 6 до 13-годишна возраст на фестивалот „Литера“ во 2020 година.

Овој пат се јавува како авторка на текстот, но и на илустрациите. Трајановска на промоцијата истакна дека пишувањето и цртањето еднакво ѝ се предизвик и пасија уште од детството.

– Добро се сеќавам на моментот кога ги засакав илустрациите и цртањето. Тоа беше на мојот прв ден во забавиште. Негувателката ме прошета низ просториите на забавиштето, а во една имаше девојче кое правеше цртеж поставен на ликовен штафелај. Помнам дека имаше нацртано пингвини на Јужниот Пол, а снегот беше обоен сино. Тоа ми остави голем впечаток и оттогаш многу го сакам ликовното изразување. Многу сакам да цртам, но немав доволно храброст да се обидат да ја илустрирам својата прва книга „Брзосплетковска 63…“. Но, за втората книга, со поттик и поддршка на уредничката Бисера Бендевска и на тимот на „Арс Ламина“, се осмелив и така се случи ова комплетно авторско дело. Сметам дека приказната на писателот полесно се пренесува, кога самиот може и да си ја нацрта замислата. Инаку, и пишувањето ми е пасија од детството, пишував песнички со рима од многу мала и членував во литературни дружини. Понатаму во животот постојано пишував, си поставував лични предизвици. Во периодите кога сама живеев во Берлин, на пример, секој ден си поставував задача – по пат на случајност издвојував еден збор, кој се заложував да го употребам во своите раскази… Пред три-четири години, иако имав намера да напишам раскази, приказната за Брзосплетковска прерасна во роман. Така се роди мојот прв роман. „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“, пак, е збирка од десет раскази-приказни – рече писателката.

Расказите, односно приказните во книгата, ги раскажуваат мачиња домашни, улични, палави, мирни, пркосни, срамежливи, наивни, брливи, портокалови, црни… со еден збор – единствени. Секое маче има своја приказна: некогаш тажна, некогаш смешна, навидум обична, но сигурно по нешто – посебна. Тоа што ги обединува е нивната потреба да ги споделат своите доживувања, од секоe доживување правејќи важен настан.

Изминатите неколку години, во светски рамки, многу се актуелни книгите за мачките. Тие се јавуваат како главни протагонисти во многу популарни изданија за деца. На прашањето зошто пишува овој пат за мачки, авторката откри дека е љубителка на мачињата…

– Во книжевноста, мачињата веројатно се популарни затоа што се слатки, а ретко кој може да одолее на мало мило маче. Особено им се драги на децата. Случајно почнав да пишувам за нив. Всушност, првиот расказ беше за маче, па решив да продолжам да пишувам за овие животни, бидејќи сум голема љубителка и колекционерка на мемиња за мачки. Би сакала да соберам толку многу мемиња со мачки, што наместо со зборови, на пораките би одговарала со мемиња. Ме инспирираат мемињата за мачки затоа што таму тие се претставени во многу човечка форма. На навидум обичните слики, кога ќе им се додаде текст (наслов), веднаш се менува ликот на мачката… Преку мачињата во мојата книга се претставени ситуации/размислувања, што би можело да им се случуваат и на луѓето. Сите ние имаме некакви несреќи во животот или проблеми. Како и мачињата од книгата, сите имаме некои проблеми и некоја тага. Но, веројатно, затоа што сме многу преоптоварени со своите лични неволји, полека го губиме сочувството и ги анулираме туѓите проблеми… Можеби затоа што сме заситени со своите. Па, така, давајќи им човечки особини на мачињата, во книгата потсетувам на таа потреба од емпатија кон туѓите несреќи. Tие станаа поблиски до мене, а се надевам и поблиски до читателите. Со оглед на тоа што станува збор за приказна со мачки, верувам дека ќе бидат попривлечни за децата и дека ќе сакаат да ги прочитаат расказите. Сметам дека приказните можат да поттикнат размислување и, најважно од сè, да разбудат емпатија кај децата. Се надевам дека пораката ќе допре до децата на вистински начин и многу би сакала да слушнам повратен одговор од дете кое ја прочитало книгата – рече таа.

Творењето за деца вели дека е нејзин начин на комуникација, своевиден удел во светот. Преку книжевноста за деца верува дека вложува во општото добро.

– Ова е мојот придонес и за мене нема можност да се вклучам во создавањето на други светови, освен преку книжевноста за деца. Детството е период кога сè уште може да се промени нешто, период во кој сите положуваме надеж. Со раѓање на секое дете доаѓа нова надеж за менување на нештата. Детството е период од човечкиот живот во кој сакам да се вложувам и во иднина – рече таа на крајот и откри дека во моментов работи на две книги: илустрации на сликовница, по текст од друга авторка, и на втора сликовница, за која таа ќе биде авторка на текстот и на илустрациите.

Катерина Трајановска е родена во 1990 година во Скопје. Почнува да пишува за деца во доцните дваесетти години од својот живот, а во последните две години се посветува и на илустрирање на своите текстови. Таа има објавено две книги за деца на возраст меѓу седум и тринаесет години. Во последните пет години живее и работи во Берлин.

Книгата „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14833

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.